Министрите за надворешни работи на земјите од Европската унија -ЕУ, на состанокот што се одржа вчера во Луксембург одлучија да дадат зелено светло за безвизен режим од 2010 година за Македонија, Србија и Црна Гора.
Шефовите на дипломатии на состанокот ја охрабрија Европската комисија да отпочне процес за укинување на визите со оние земји од западен Балкан, кои ги исполнија условите за тоа, со цел со нив да се воспостави безвизен режим. Тоа во идеални услови може да се случи до крајот на oваа, но многу поверојатно во 2010 година.
Еврокомесарот за проширување Оли Рен ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ, нагласувајќи дека ЕК ќе инсистира да ја донесе препораката за укинување на визниот режим пред летната пауза.Според оценката на ЕК, Македонија ги има исполнето сите потребни услови за укинување на визниот режим и е далеку понапред во реформите во однос на другите земји од Западен Балкан по прашањето за укинување на визите.