Словенечкиот народен театар од Марибор вчеравечер во предворјето на црквата „Света Софија“ за публиката на фестивалот „Охридско лето“ ја донесе монодрамата „Безгрешна“.

Претставата е адаптција на романот на Колм Тоибин за Словенечкиот национален театар од Марибор, сплетувајќи четиринаесет мисловни пејзажи, олтар на љубовта, на загубата, на осаменоста, на потрагата по смисла во раните кои никогаш не исцелуваат.

Фестивалската публика уживаше во извонредната актерска игра на Наташа Матјашец Рошкер која ја толкуваше улогата на Марија, мајката на Исус.

Оваа претстава е многу значајна за мене и за сите кои работеа на неа бидејќи идејата да се реазлизира беше на нашиот славен режисер Томаж Пандур кој ненадејно почина токму во Македонија. Ние веќе бевме почнати со работа, така што сега со оваа претстава која на некој начин е негова последна, доаѓаме на местото на неговото заминување и тоа уште толку е силно за сите нас. Клучната порака на монодрамата е дека Марија, пред сѐ била жена и мајка која проживеала реално искуство, губењето на синот, и тоа во однос на институционалната интерпретација на нејзиниот живот и животот на нејзиниот син за неа како жена е позначајно од она што следувало подоцна, вели актерката Матјашец Рошкер.

Претставата ја довршила драматургот Ливија Пандур во 2016 година, по ненадејната и прерана смрт на словенечкиот режисер Томаж Пандур.

Со неговото заминување, мојата рана е толку длабока што може да ја носи само сцената. Нему му ја посветувам „Безгрешна“, кој веруваше дека сè што влегува на сцената се трансформира со него, вели Ливија Пандур која е и сестра на легендарниот режисер со светско реноме Томаж Пандур.

Откако студирала драматургија на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, Ливија Пандур работела како драматург во различни театри во Љубљана. Од 1991 до 1996 година е драматург на Драмата на Словенечкиот народен театар – Марибор. Меѓу другите, таа била драматург за сите продукции на Томаж Пандур (1963-2016) „Шехерезада“ во Младинскиот театар во Љубљана; „Фауст“, „Хамлет“, „Кармен“, „Божествена комедија“, „Руска мисија“, „Вавилон“ во Словенечкиот народен театар во Марибор; „Хазарски речник“, „Сто минути“, „Тесла Електрик“, „Калигула“, „Војна и мир“, „Микеланџело“ во ХНК во Загреб,

„Фауст“, „Кралот Лир“ во Атина. Автор е на повеќе театарски публикации, и ја објавува и ја уредува театарската монографија „Театарот на соништата“ во 2002 година.

OhridNews