За неполн месец повторно убиства на кучиња во Струга, овојпат со масовно труење реагираат од Асоцијацијата „Бездомни животни без граници“.

Десетици кучиња засега се најдени мртви од очигледно труење со добропознатиот ланате, отров кој во повеќе наврати се користи да се реши бездомната популација на животни во државава. Од првиот испукан куршум до денес јавноста имаше можност да види се освен желба од страна на институциите да се превземат мерки за сопирање на масовното убиство на бездомни животни во Струга, велат од Асоцијацијата.

Огнот никогаш не сопре, велат, единствено службите беа поажурни според сведоштва на анонимни граѓани – кучиња се убивале и се собирале веднаш за да се скрие траг.

Се прашуваме дали сепак овде не се работи за гнев на поединец туку организирана хајка против бездомните кучиња во Струга? Дали Општина Струга решила другите мерки за третман на бездомната популација да ги толкува како масовна ерадикација на бездомните кучиња?, прашуваат од Асоцијацијата.

Ги повикуваат надлежните институции непристрасно да постапуваат во своите постапки и да го запрат овој масакр, додавајќи дека МВР во Струга не е општинска институција за да постапува единствено во полза на градскиот татко.

Ги повикуваме Агенцијата за храна и ветеринарство да ја санкционираат Општина Струга за неспроведување на хуман третман врз бездомните кучиња на територијата на општината, нивната неажурност и незаинтересираноста на општините доведуваат до кулминација на состојбата – ова е историја што се повторува! Примитивизам не е одлика на земја која се стреми кон членство во Европската унија, додаваат во реакцијата од Асоцијација „Бездомни животни без граници“.

OhridNews