Поради пребрзо возење и необележани пешачки премини, сообраќајните незгоди на улицата Јане Сандански станаа се почести. Во голем дел од нив, жртви се малолетни деца кои ја преминувале улицата токму на местата на кои е предвидено да има пешачки премини.

Да се премине безбедно оваа улица преку ден и при тоа да ви застане кола, како што и налагаат правилата на пешачки,  е вистинска среќа.

Загрижени за својата и безбедноста на децата, жителите од Јане Сандански неодамна потпишаа и петиција која беше доставена до надлежните во Локалната самоуправа. Во неа е побарано да се обележат пешачките премини и на неколку места да се постават  забавувачи на брзината.


Од Локалната самоуправа, односно Секторот за комунални дејности, објаснуваат дека во рамки на планираните годишни активности за поставување хоризонтална и вертикална сигнализација, чија реализација започна на 14- ти овој месец, опфатена е и улицата Јане Сандански. Како причина што тоа се уште не е направено ги наведуваат лошите временски услови и врнежливото време. Штом се стабилизираат временските услови ветуваат дека ќе биде поставена планираната сигнализација.

Околу забавувачите на брзина, од Локалната самоуправа објаснуваат дека  нивното поставување зависи од сообраќајната полиција, која не одобрила поставување вакви препреки на улицата Јане Сандански, бидејќи тие би го попречувале пренесувањето на болните пациенти од Оделението за итна медицинска помош кон Општата болница.  

Од СВР информираат дека ќе ја засилат контролата на улицата Јане Сандански, особено во близина на пешачките премини со цел да се зголеми безбедноста на пешаците, но и несовесните возачи кои возат со преголема брзина. 

Т. К.