Имаме и сме имале капацитет како држава да се справиме со сите безбедносните предизвици. Треба да дадеме се од себе за да ја нормализираме државата, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес во Охрид по Конференцијата во рамки на 22 Синдикални игри на полицискиот синдикат.
Треба да тргнеме од самите себе и да се посветиме максимално во насока на тоа што е добро за граѓаните. За да го направиме тоа нормално дека треба да ги следиме европските текови. Го правиме тоа, имаме поддршка од сите наши меѓународни партнери, поддршка од стратешките партнери, од сите добронамерници на државата во насока да ја нормализираме Македонија. Имаме енергија. Министерството за внатрешни работи ќе одговори на секој предизвик во иднина којшто ќе и биде зададен се со цел добро за народот, рече Тошковски.
Посочи дека денес заедно со професорите, судиите, претседателот на Советот на Европските полициски синдикати Рикардо Валадас дискутирале на многу значајна тема: Полицаецот е основната безбедносна клетка во една држава, а без безбедна држава немаме воопшто држава.
Мислам дека се ова што беше денес разговарано во однос на потребата од поголема заштита на полициските службеници, соодветното нивно место во рамки на општеството, поткревање на достоинството на полицаецот во рамки на државата се клучни теми доколку би сакале да имаме полицаец на соодветно професионално ниво кој се чувствува заштитен во рамки на еден вистински систем, додаде Тошковски.
Претседателот на Советот на Европските полициски синдикати Рикардо Валадас истака дека одржуваат многу блиски контакти од 2015 година сo Синдикатот за Македонија и полициската канцеларија и дека условите се подобруваат, како за работа, така и едукацијата, селекцијата, квалификациите на полициските службеници, се движи на подобро, а само со вистински труд може да се постигнат подобри услови за полициските службеници.
Безбедносните предизвици се императив. Технологијата, начинот на кој се однесува младата генерација, начинот на гледање на безбедносната состојба се менува. Императив е полицијата да се менува и да се обезбеди одржлива заштита на граѓаните. Мора да гo почитуваме владеењето на правото и да ги штитиме човековите права. Тоа е нашата работа. Тоа се двете работи за кои ќе се стремиме заедно со министерот Тошковски, додаде Валадас.
Истакна дека мора да биде јасна важноста на заштитата на општеството, заштина на граѓаните на земјава и генерално заштитата на граѓаните глобално.
Н.С.Ј./Г.М.