Безбедносните мерки за изнајмување пловила за рекреација треба да се зголемат, сметаат граѓаните.

На анктеното прашање на „Ohridnews“: „Дали треба да се заострат безбедносните мерки за изнајмување пловила за рекреација?“, 53% од читателите одговориле потврдно. Други 35% ссметаат дека елеците за спасување треба да бидат задолжителни за таквите пловила, 8% се на мислење дека нема потреба од нови мерки, доколку се почитуваат постоечките, додека 4% сметаат дека непливачите задолжително треба да бидат придружувани од стручно лице. Во анкетата на „Ohridnews“ беа вклучени 1820 читатели.

Ова лето на Охридското Езеро се случија  неколкуте инциденти со трагични последици, кои го отворија прашањето за безбедноста на педалинките и другите пловила за забава и рекреација. Посочувањето на Капетанијата дека таа не е одговорна за безбедноста на пловилата без моторен погон, туку дека за тоа се надлежни инспекциските служби очигледно говори за недостатокот во Законот за внатрешна пловидба. Тој не ги опфаќа педалинките и сличните забавни реквизити кои според закон требало да ги контролираат инспекциските служби. Исто така збунува и фактот што изнајмувачите на педалинки не се должни да даваат појаси за спасување, па така целиот ризик за евентуалните несреќи го сносат лицата кои ги изнајмуваат овие пловила, без оглед дали тие се пливачи или непливачи. Ваквата недореченост во законот летово однесе два млади животи, а случајот се затвори како несреќа за која никој нема да одговара.

И додека Капетанијата се прогласи за ненадлежна околу безбедноста на педалинките и сличните пловила без моторен погон,  таа ги заостри мерките кон скутерите, кои до 20 август не смеат да пловат во периодот од 11 до 18 часот. Со тоа според Капетанијата ќе се зголеми  безбедноста на капалиштата, бидејќи скутерите биле најголеми прекршители на правилата за пловидба. Но дали една ваква рестриктивна мерка навистина ќе ја подобри безбедноста на капачите, доколку и натаму непливачите можат без елек за спасување да изнајмат педалинка, а  плажите не ги обезбедат капалиштата и не ангажираат спасители на вода. Доколку тоа е така и доколку законодавецот го спроведе законот според кој точно се определува каде, кој и како може да управува со скутер, ќе нема потреба од вонредни мерки кои не се во интерес на туризмот, бидејќи во ист кош се ставаат тие што ги почитуваат правилата со прекршителите на законот.

Ohridnews