СВР Охрид презема соодветни безбедносни мерки во пресрет на одржувањето на јубилејна, 50-та по ред, Европска регионална конференција на Интерпол од понеделник, 8 мај, до 11 мај во Охрид.
Активностите се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на одредени објекти, локации и сообраќајници, каде е предвиден престој и движење на најавените делегации, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Утре од шест часот на сила ќе биде забраната за паркирање на моторни и други возила на булевар „Македонски Просветители“, паркинг „Ваикики“, кружен тек на плоштад „Св.Климент Охридски“, кеј „Македонија“ до пресекот со улицата „Ванчо Николески“, улицата „Партизанска“ од пресекот со булеварот „Македонски просветител“ до пресекот со улицата „ Кузман Јосифовски“. Исто така , забрана за паркирање има на паркингот кај „Горна Порта“, улица „Илинденска“, паркинг кај „Долни Сарај“, паркинг кај „Св.Софија“ и улицата „Коста Абраш“. Воедно, сообраќајното обезбедување ги опфаќа и останатите магистрални, регионални и локални патишта, како и заштитниот појас на патиштата заедно со улиците во населените места и паркиралиштата, вели Димоски.
Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, додава Димоски, утре ќе презема засилено сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот, пред сѐ по булеварот „Туристичка“, но и по другите патишта и сообраќајници каде не е дозволено запирање или паркирање на моторни возила.
Мерките ќе значат непречено пропуштање на возилата со приоритет наменети за обезбедуваните личности при што, нема значително стопирање на нормалното одвивање на сообраќајот бидејќи, предвидено е последователно и непречено пропуштање на останатите возила во сообраќајот, потенцира Димоски.
Со цел непречено одвивање на мерките, деновиве СВР Охрид оствари координативни средби со службите од локалната самоуправа како и со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид, со Јавните претпријатија како и со други релевантни субјекти.
Со оглед на исклучително значајниот настан кој ќе се одвива во Охрид, СВР Охрид апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците и другите локации, потенцира Димоски.
Информацијата за организирањето на Конференцијата беше усвоено на Владина сединца на која беше потенцирано дека Министерството за внатрешни работи организацијата и одржувањето на 50-тата Европска регионална конференција на Интерпол го смета за еден од најголемите и најважните настани кои ќе бидат реализирани оваа година, притоа давајќи приоритет на меѓународната соработка, со акцент на меѓународната полициска соработка, вклучувајќи го одбележувањето одредени јубилеи, поврзани со одржувањето на овој настан.
Организирањето на конференцијата доверена на Република Северна Македонија се совпаѓа со уште еден значаен јубилеј – 30- годишнината од членувањето на нашата држава во ова глобално полициско семејство, информираше претходно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
OhridNews