Aвганистан, Косово и иднината на Балканот, како и енергетската безбедност – се трите главни теми на безбедносниот Форум на Евро-Атлантскиот Партнерски Совет (ЕАПС), што денеска започнува во Охрид.
Дводневниот собир, втор по ред за две години, ќе започне со пленарна сесија што ќе ја отвори генералниот секретар на Алијансата Јаап де Хоп Шефер, по што, во три работни групи ќе се дебатира по овие теми.
Предвидено е на отворањето да говорат и премиерот Никола Груевски и заменикот-претседател на Влада Имер Алиу.
Форумот, чиј организатор е НАТО, а домаќин Македонија, ќе собере делегации на сите 49 држави-членки на ЕАПС, со околу дваесеттина министри за надворешни работи, за одбрана и за економија од државите-членки на НАТО и од регионот.
Дел од државите ќе бидат застапени со заменици-министри и со амбасадори на НАТО во Брисел, како што е случајот со САД, Русија, Велика Британија, и јужниот сосед Грција.
Македонската делегација ќе ја сочинуваат шефот на дипломатија Антонио Милошоски, министрите за одбрана и за економија Лазар Еленовски и Вера Рафајловска, амбасадорот на Македонија при НАТО Нано Ружин и националниот координатор за НАТО Никола Димитров.
Според најавите од МНР, Милошоски ќе има билатерални средби со шефот на словачката дипломатија, како и со министерот за надворешни работи на Луксембург, со кого ќе потпише Протокол за соработка за визниот центар во македонското МНР.
Од МНР најавуваат и присуство на Командантот на западното крило на НАТО генерал Ленс Смит, кој при своја мини-програма во Охрид ќе биде примен од македонскиот државен врв. На маргините на Форумот шефовите на дипломатии и министри за одбрана од државите-членки на Јадранската повелба – Македонија, Хрватска и Албанија, заедно со САД, ќе одржат Партнерска комисија.
Дел од вкупно 49 делегации пристигнуваат денеска на охридскиот аеродром од каде ќе бидет трансферирани до хотелите Метропол и Белво. Свеченото отворање како и работниот дел ќе се одржи во х. Инекс Горица. Во рамки на НАТО форумот денеска и утре државниот врв ќе оствари повеќе билатерални средби.
Г.М.