Црвениот крст – Охрид денеска врши подготвително тестирање на 30-те пријавени кандидати за спасувачи на вода, а в понеделник ќе ја започне и обуката  што ќе се одвива според меѓународни стандарди. Седумдневната обука содржи  теоретска настава што ќе се одржува во  просториите на организацијата и практичен дел што ќе се одвива на плажата „Гранит“.

Законска обврска на субјектите коишто стопанисуваат со плажите е да  ги обележат капалиштата, но и да имаат  професионални спасители на вода.

Црвениот крст -Охрид располага со проценители за обележување и обезбедување на капалиштата, но и со доволен број спасители.

Засега, со лиценцирани спасители  се ангажирани на плажите „Потпеш“ и „Куба Либре“, а од први јули ќе бидат обезбедени и плажите во Љубаништа и во комплексот „Метропол-Белви“.

Црвениот крст е единствената организација на територијата на Република Македонија која е членка на Меѓународната федерација за безбедност  на вода, и единствена овластена да врши обука и да издава лиценци и легитимации за спасители на вода и инструктори, според меѓународни стандарди.

Александра Ристоска