Нивото на водните ресурси во Македонија се намалува поради масовното уништување на шумските зелени појаси, предупреди  дипломираниот инженер агроном Лазо Наумоски, на форумот што по повод денот на водата 22 март се одржа денеска во Струга. Годишно во Македонија се сече околу 1,5 милиони кубни метри дрво или околу 8.000 хектари, што се одразува на хидролошката состојба во Македонија, вели Наумоски Околу 90% од водата на планетата Земја отпаѓа на океаните и морињата додека само 5 % ја има на континентите. Поради тоа потребно е тоа малку питка вода да се заштити соодветно, а главен фактор за зачувувањето на таа вода се шумските зелени појаси кои денеска масовно се уништуваат, додава Наумоски. Тој посочи дека  Охридското Езеро во иднина ќе биде еден од главните снабдители на Балканот со питка вода и затоа е потребно да се зачува зелениот појас околу езерото кој директно влијае на неговата хидролошка состојба.

На форумот што го организираше МЈП „Проаква“ учество зедоа експерти од областа на животната средина и хидролози кои дискутираа за заштитата на Охридското Езеро.

На форумот беше истакнато дека 73% од отпадните води кои се влеваат во Охридското Езеро од македонска страна се опфатени со колектроскиот систем кој според најавите треба комплетно да биде завршен до 2010 година. Најголемиот дел од водата во Охридското Езеро е од висока прва и втора категорија но сеуште жешки точки остануваат реките Черава, Сатеска, Велгошка и Коселска река кои се најголеми загадувачи на Охридското Езеро.

ohridnews