-Мојот голем хит „Месечина“ беше една од највртените песни на радио и тв станиците во годината кога излезе, за што јас добив само 7 денари на име авторски права. Најголемата македонска музичка ѕвезда, Тоше Проевски, не заработи ни денар од изведувачките права во Македонија.

Вака големиот музички уметник, Калиопи Букле пластично ја отслика состојбата со заштитата на интелектуалните права во Македонија. Така не можеме да одиме напред. Состојбите со интелектуалната сопственост треба да ги средиме заради нас самите, а не заради НАТО и ЕУ, рече Букле на Конференцијата за заштитата на интелектуалната сопственост, што денеска  се одржа во Охрид.

Според Букле, законската регулатива во Македонија е добра, но не се спроведува. Соочени сме со бирократски и коруптивни моменти кои не дозволуваат да се спроведе законот. Поради тоа, јас и моите колеги уметници сме приморани заштитата на авторските права да ја бараме во странство, рече Букле. За таквите состојби таа директно го прозва здружението за заштита на авторските права – ЗАМП.

И нејзиниот колега Дарко Димитров исто така го обвини ЗАМП  дека не се грижи за заштита на авторските права, со што се прави огромна штета на музичката индустрија. Поради тоа ние сме приморани нашите компакт дискови да ги продаваме по пиратски цени од 100 денари, со што не можеме да привлечеме странски продукции на македонскиот пазар, рече Димитров.

Без подобрување на состојбите во заштита на интелектуалната сопственост, Македонија не може да се надева на странски инвестиции, смета американскиот амбасадор Филип Рикер. Според него, регулирањето на заштитата на интелектуалните права, ќе ја подобри бизнис климата во Македонија. Рикер посочи дека денес во светот не се фалсификува само музика, туку и лекови кои можат да спасат живот и софтфери, со што се нанесува сериозна штета на индустријата. Американските инвеститори сакаат да инвестираат во сигурни земји, подвлече Рикер.

На конференцијата што ја организира Американската Стопанска  Комора во Македонија, експерти од Македонија, Србија и САД, дискутираа за за влијанието на состојбите со интелектуалната сопственост на странските инвестиции и за загубите кои државите ги трпат од непочитување на интелектуалната сопственост.

Г.М.