Слабата посетеност на Охрид за време на новогодишните и Божикните празници, е сериозно предупредување велат туристичките работници. Според нив неопходно е итно да се одржи состанок на сите туристички чинители на кој ќе се изготви стратегија за 2010 година, во спротивно, сметаат тие, последиците ќе бидат погубни не само за туризмот, туку и пошироко.

– Охрид треба да работи на изготвување на стратегија која што ќе се однесува на развој на вонсезонскиот туризам и во таканаречениот мртов период да понудиме атрактивни аранжмани со кои ќе привлечеме што поголем број туристи. Инаку вака како што работиме до сега, Охрид, за жал, нема да има туристички напредок што ќе биде погубно за целата локална заедница, бидејќи голем број од граѓаните во време кога се затворија фабриките излезот од економската криза го најдоа во туризмот, вели Верица Хајба, долгогодишен туристички работник.


Според Хајба причината за слабата посетеност на Охрид за време на празниците не треба да се бара само само во економската криза и стравот од свинскиот грип, туку пред се во неподготвеноста на Охрид да конкурира на светскиот пазар во услови на визна либерализација.

– Дека ние немаме стратегија говори и примерот дека уште пред да почне да се зборува за визната либерализација европските туристички градови, како Будимпешта и Прага излегоа со квалитетни и евтини понуди и буквално ги бомбардираа туристичките агенции во Македонија, со цел да привлечат што поголем број на туристи. Будимпешта и Прага едноставно си конкурираа меѓу себе со атрактивни понуди, тоа кај нас во Охрид не се случи, додава Хајба.

Општина Охрид во 2010 година влегува со 20 отсто погоголем буџет во однос на минатата година, кој тежи рекордни 11 милиони евра. Од тоа 325 илјади евра се предвидени за развој и промоција на туризмот.

– Големите проекти што ги финансираше општина Охрид, како што беше канализацијата во Лескоец, Велгошти, Пештани се при крај или се завршени и се насочуваме со овој буџет на друга страна. Односно, со многу средства влегуваме во промоција на градот во делот на туризмот да имаме уште поуспешни резултати, вели градоначалникот Александар Петрески.

Со ваквата констатација не се согласуваат дел од советниците од опозицијата која не присуствуваше на усвојувањето на буџетот. Според нив отсуствуваат конкретни проекти кои ќе обезбедат реализација на предвидените средства во буџетот.

– За да се помогне на туризмот во Охрид неопходно е локалната самоуправа да изнајде мерки со кои на некој начин ќе ги субвенционира домашните субјекти, било преку намалување на туристичката такса или преку обезбедување одредени стимулации за привлекување туристи, или преку обезбедување поволности за угостителските и туристичките објекти со што на некој начин ќе им помогне да ги компензираат високите цени и да понудат поевтин туристички производ, истакна Јованка Дамоска, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Иако одамна не паметат послаб интерес и посетеност за новогодишните и божикните празници од 2010 година, засега од туристичките работници нема конкретни најави за корекција на цените и аранжманите, иако според многумина тоа би бил и најлогичниот одговор на кризата  која го зафати туристички Охрид.

Ohridnews