Екологијата е важен важен сегмент во туристичката понуда и оваа проблематика  треба многу посериозно да се третира од институциите, беше истакнато на трибината : „Еколошки аспекти на развојот на туризмот врз крајбрежјето на Охридското Езеро“ што по повод Неделата на животна средина се одржа вчера  во просториите на општината.


Професорот на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, д-р Науме Мариноски, истакна дека  Охрид има многу природни убавини, но тие мора се афирмираат и посетителите да се донесат до нив, затоа што, како што рече,  простор без посета е само потенцијал. Според него едно од клучните прашање во креирањето на туристичката политика е проблемот со презаситеност и предимензионираност на просторот.

– Треба да се понудат еколошки содржини во туристичката понуда, и да се применат принципите на селективност и алтернативност. Во шпицот на сезоната кога туристите најмасовно го посетуваат Охрид треба да им се понудат алтернативни содржини, како што е посета на рурални подрачја, велосипедски туризам, параглајдерство, посета на сулфатарата во Косел и слично. Со тоа ќе се растовари градот,  ќе се придонесе за развој на руралните средини и помалку афирмираните туристички атракции, а воедно на гостите ќе им се понудат повеќе содржини, рече професорот Мариноски.

Професор д-р Катерина Ангелевска Најдеска се осврна на перспективите за развој на еко туризмот, потенцирајќи дека во иднина треба да се поддржат манифестациите од типот на „Ѓомлезијадата“, бидејќи тоа се автентични туристички  производи кои не можат да се сретнат секаде.

Во дебатата што ја организираше Еколошкото друштво „Грашница“ во соработка со Оддлението за урбанизам и заштита на животната средина при општина Охрид,  се вклучија туристички работници, претставници на јавни претпријатија, инспектори, угостители и други чинители во оваа дејност.

Владо Суклоски-заменик директор на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот ја реафирмираше идејата за формирање на туристичка полиција, што според него е неопходно за ефиксано справување со наталожените проблеми. Според него неопходно е и што поскоро да биде донесен Законот за Охрид, со што, како што рече, ќе се надминат одредени недоречености во постојната законска регулатива.

Антонио Балески од Секторот за туризам и локален економски развој потсети дека Охрид е меѓу 24-те места во светот кои се под заштита на УНЕСКО по два основи- културно наследство и природно наследство.  Според него овие места се соочуваат со слични проблеми како и Охрид, меѓутоа дел од нив во поглед на бројот на туристите имаат направена проценка на капацитетот на издржливост.

– Некои од од овие заштитени подрачја имаат донесено посебни уредби со кои се ограничува бројот на посетители, како што е  примерот со островот Мадеира каде максимум можат да престојуваат 10 отсто повеќе туристи од бројот на локалното население, истакна Балески.

Д-р Трајче Талески од Хидробиолошкиот институт се осврна на проблемот со уништување на трската на Охридското Езеро, што според него предизвикува голема штета на екосистемот.

– Дополнително со изградба на  платформи на плажите се врши уништување на крајбрежјето, а проблем претставува и преголемата урбанизција, посочи Талески.

Проблемот со преголемата урбанизација го потенцираа повеќемина учесници на трибината. Нивни општ заклучок беше дека Охрид со околу 7000 ненаселени викенд станови се доведува во ситуација сред сезона кога во градот има и над 30000 туристи,  хотелите да се празни.

Според Тихомир Дурнев – раководител на Оддлението за урбанизам, и заштита на животната средина подобро е да има урбанизација отколку во неурбанизираните подрачја да никнуват дивоградби. Како примери тој ги наведе делови од Рамне, Рача и одредени подрачја во националниот парк Галичица.

По однос на заштитата на животната средина се преземаат технички мерки за заштита како што се изградба на канализациони и водоводни системи, се работи на подигање на јавната свест, а се преземаат и казнени мерки, потенцираше Дурнев.

Од Трибината ќе бидат изготвени заклучоци кои ќе бидат доставени до Општина Охрид и соодветните министерства, со цел да се подобри заштитата на животната средина во насока на равој на туризмот.

OhridNews