Ракометарите на Охрид вечерва со почеток во 19 и 30 часот на домашен терен ќе го пречекаат Еурофарм Работник во дербито од 11-та рунда во Супер лигата.
Охриѓани во дерби пресметката влегуваат од лидерската позиција и со серија од седум победи и реми.
– Миналниот пораз во Битола од првата етапа во регуларниот дел од Супер лигата се уште ни се врти во нашите глави. На тој меч Работник поведе само еднаш и тоа на крајот, што значешеше и победа. Ние посакуваме реванш и ќе дадеме се од себе да победиме на дерби пресметката. – изјави капитенот Крсте Андоновски.
Крсте Андоновски, капитен на екипата.
Исходот во дерби пресметката во „Билјанини Извори“ ќе зависи од одбраната, а голманот Благојче Трајкоски подготвен е да одговори на предизвикот.
– Тимот на Еурофарм Работник е составен од интернационалци и ракометари со репрезентативно искуство. Тие се моќни играчки и финансиски, но на теренот победува екипата која повеќе ја посакува. Ние пред овој меч немаме притисок бидејќи нашите планови одат по зацртаните цели. – додаде Трајкоски.
Голманот, Благојче Трајкоски.
Судии на дерби пресметката меѓу Охрид и Еурофарм Работник се браќата Георгиевски, а цената на билетот изнесува симболични 30 денари.
Мх.П.