Додека нема посебен Закон за Охрид, состојбата во урбанизмот во општината ќе биде непроменета, одговара градоначалникот Александар Петрески на критиките на советниците од опозицијата, според кои, на градот му се случува урбан хорор.

-Треба да се донесе Закон за Охрид за да се воведе пинаков ред. Тој закон го чекаме 5 години и Парламентот никако да го донесе. Додека тоа не се случи ние мора да ги почитуваме законските норми кои се еднакви за сите граѓани во државата, вели Петрески.

Според него донесувањето на урбанистички решенија со локална урбанистичка планска документација е во согласност со законот и во интерес на граѓаните, кои можат да ја тужат  општината доколку таа не ги удоволи нивните барања.

Петрески најави дека и натаму локалната самоуправа позитивно ќе одлучува по барањата на граѓаните за измени во урбанистичките планови со локална планска документација, доколку истите ги исполнуваат законските услови да бидат одобрени. Со измените во законот за градба, донесени неодамна, локалните урбанистички плански документации ги одобрува посебна комисија и градоначалникот и за нив повеќе нема да расправа советот, како што тоа беше пракса до сега.

OhridNews