На  Македонија во моментов на располагање и стојат фондовите од ИПА програмата, а по влезот во ЕУ ќе има уште повеќе средства од структурните фондови, но невладините организации, како и локалните самоуправи и државните  институции треба да знаат како да направат добар проект за да извлечат средства од големиот европски буџет за развој, предупредуваат странските експерти.

Љуба Павловова – директор на Агенцијата за регионален развој-Братислава и добар познавач на состојбите во Македонија, укажува дека како држава сме на почеток од процесот на градење на  капацитетите неопходни за пристап до европските фондови.

– ВО ЕУ има многу пари само треба да знае човек како да ги искористи. Македонија има потреба од тие средства, а по влезот во ЕУ ќе има уште повеќе средства од структурните фондови, но треба  и невладините организации и локалните самоуправи и државната администрација да знаат како да направат добар проект. Потребно е да се промени филозофијата на размислување и да се сфати дека се што се работи треба да биде за вистинските потреби на граѓаните и да се направат такви проекти кои ќе одговараат на реалните потреби, вели Павловова.

Таа укажува дека големи средства има и во европскиот социјален фонд за поддршка на развој на човечки ресурси кои ќе овозможат нови вработувања, квалификации и доквалификации на работниците, што е од исклучително значење за Македонија каде 190.000 луѓе од околу 300.000 невработени имаат многу ниски или немаат никакви квалификации.

– Доколку не изградите капацитети нема да ги искоритите парите, а ако не ги искористите тоа ќе биде единствено на штета на македонските граѓани, бидејќи на земјата и требаат пари и за инфрструктура и за човечки ресурси, за да се намали невработеноста и за да се подготви државата за влез во ЕУ. Ако не се изградат капацитети и нема континуитет во работата, парите од европските фондови нема да ги искористите, ќе ги вратите од каде што дошле и тие ќе одат кај некој друг, предупредува Павловова.


Покрај ИПА, големи можности нудат и фондовите од програмата за доживотно учење кои Македонија сега само делумно ги користи, но се очекува до 2011 година тие целосно да бидат отворени за нашата земја.

– Засега апсорпцискиот капацитет на земјата е доволно голем за да ги користи средствата од програмите кои сега се отворени. Убедени сме дека Македонија ќе покаже доволен капацитет да одговори на сите акции кои ќе бидат отворени од програмата за доживотно учење и токму затоа тие и постепено се отвараат, вели Дејан Златкоски од Националната агенција за образовни програми и мобилност.

Експерти од Словачка и Македонија неодамна во Охрид пред претставници на локалните самоуправи и невладини организации ги презентираа можностите и начините на изготвување на проекти.

Антонио Балески  од Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид вели дека искуствата околу подготовка на проекти се мошне значајни за локалните  самоуправи. Сепак, додава Балески, потребно е и да се промени менталитетот кај луѓето, кои треба да бидат свесни дека средствата од европските фодови не доаѓаат сами туку треба да се подготват квалитетни проекти според стандардите на ЕУ, кои се ригорозни, а сето тоа бара одреден капацитет на администрацијата.

Г.Момироски