Европската Комисија соопшти денес дека претседателката фон дер Лајен ги слушнала преокупациите на унгарската влада за предложените санкции врз руската нафта, и дека продолжува да работи на решение, јави дописничката на МИА од Брисел.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера престојуваше во Унгарија каде се сретна со челниците за да ги слушне причините за нивната блокада на ЕУ санкциите врз руската нафта.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, порача дека ваквите санкции би значеле “нуклеарна бомба“ за унгарската економија и дека земјата не може да го поддржи шестиот пакет санкции против Русија предложен од Европската Комисија минатата недела поради ова.
Фон дер Лајен се надеваше дека овој шести пакет, кој вклучува прекин на увозот на руската нафта до крајот на годината, со неколку исклучоци за најзависните земји, ќе биде усвоен до деветти мај, денот на Европа, но Будимпешта се противи.
Унгарија како земја без излез на море е многу зависна од руската нафта и промените што би ги донеле европските санкции би ја чинеле скапо, со ова се согласи денес и самата Европска Комисија.
Јасно е дека ако Унгарија ја замени нафтата потребно и е да има нафтовод со соодветен капацитет, поврзан за други извори, залихите на нафта исто се проблем, инфраструктурата за рафинирање како и генерално прашањето на трансформацијата на енергетскиот систем за да се справи со напуштање на руската нафта, сето тоа беше на маса, рече Ерик Мамер, портпарол, коментирајќи ги разговорите помеѓу фон дер Лајен и унгарската влада вчера.
Тој повтори дека Комисија ги зема предвид сите специфични потреби на земјите членки во своите предлози за санкции.
Запрашан зошто Унгарија не може да се наслони врз нафтоводот “Дружба Адриа“ од Хрватска, Мамер објасни дека има низа технички проблеми.
Постоењето на инфраструктурата скроена за достава на количини нафта со специфичен волумен и што ќе се случи ако една земја има помалку пристап до нафтата што ја добива од Русија поради санкциите, на пример преку нафтоводот Дружба, се соочувате потенцијално со многу технички проблеми што треба да се решат за да можете да го постигнете нивото на нафта што ви е потребно, објасни Мамер.
Притоа тој потсети и дека нафтата што се добива во една земја не е иста како во друга земја.
Во овие области кои се високо технички треба да бидеме внимателни и да не западнеме во претерана симплификација, му одговори Мамер на новинарот.
Претседателката фон дер Лајен оцени дека разговорите во Будимпешта биле корисни и дека ќе продолжи да работи на пакет што ќе и помогне на Унгарија да ја надмине својата зависност од руската нафта.
OhridNews