Најголемиот дел од охридските плажи, со ретки исклучоци, се прекриени со лежалки и чадори за сонце, а на дел од нив речиси и да нема слободен простор за летувалците што сакаат да лежат и да се сончаат на пешкир, сметаат дел од домашните и странските туристи, кои годинава во голем број се одмораат на охридското крајбрежје.

-Како и секое лето така и ова на плажите нама доволно место за гостите кои сакаат да се сончаат на пешкир или на сопствени лежалки. Истото е возможно само на дел од плажите кај хотелот „Славија“, на плажата во автокамповите „Градиште“, „Љубаништа“ или „Андон Дуков“, додека пак на најголемиот дел од останатите плажи може да се сончаш само доколку изнајмиш лежалка, вели Славица Т. (45) од Тетово, која неколку дена престојува во Охрид.

Освен тоа што најголемиот дел од просторот го користат за комерцијална употреба, туристите сметаат дека дел од концесионерите на дрзок начин се однесуваат со туристите.

-Додека одмаравме на една од плажите која е речиси целосно прекриена со лежалки, дојде една група на млади странски туристи, кои ги ставија пешкирите на песокот и сакаа така да се сончаат. За кратко време им пријде еден од вработените на плажата и им објасни дека тука не е дозволено лежење на пешкири и им рече доколку сакаат да останат на плажата треба да изнајмат лежалки како останатите гости. Сметам дека тоа не е исправно и дека изнајмувањето на лежалка треба да биде по сопствена волја, а не да биде задолжително, раскажува Мики. Ј (31) турист од Србија.

Плажата кај „Славија“

Надлежните за инспекција на плажите при Инсекторатот во општина Охрид потврдуваат дека најголемиот дел од забелешките кои им биле дадени на дел од концесионерите се однесувале на слободниот простор на плажите.

-Во текот на оваа летна сезона имаме спроведено голем број контроли на плажите. Дел од тие контроли се тековни кои редовни ги спроведуваме, но дел од контролите на плажите беа направени и по пријави на незадоволни туристи, односно гости. Врз основа на контролите на терен и записниците кои се направени, на дел од концесионерите им се дадени забелешки во однос на слободниот простор кој плажата треба да го има на располагање и кој може да се користи од страна на туристите без надоместок. За овие забелешки дел од концесионерите се само усмено опоменати, не информираа надлежните инспектори од  општинскиот инспекторат.

Плажата кај „Градиште“

Тие нагласуваат дека често пати и концесионерите на плажите се жалат на некоректен однос од страна на туристите кои внесуваат храна и пијалоци на плажите и покрај тоа што на повеќе места на плажите е истакнато дека тоа е забрането.

-Сепак концесионерите плаќаат закуп на плажите и секако тие треба да остварат профит за да ги покријат трошоците. А профитот секако го остваруваат од шанковите на кои служат пијалоци и храна, па доколку сите туртисти би носеле храна и пијалоци на плажите, концесионерите нема да можат да остварат никаков профит, велат инспекторите.

Тие објаснуваат дека во рамки на контролите не се утврдени други видови на непочитувања на договорите за закуп и дека сите концесионери ги почитуваат сите обврски кои во нив се пропишани.

Е.М