Михаил Горбачов, последниот советски лидер и миленик на Западот кој доживеа пропаст на сите реформи што ги почна во својата татковина, денеска ќе биде погребан без државни почести и без присуство на рускиот претседател Владимир Путин и западните лидери.

Горбачов стана херој на Западот затоа што помогна да се стави крај на Студената војна, да се олесни обединувањето на Источна и Западна Германија и да се склучи договор за контрола на оружјето со САД.

Меѓутоа, многу Руси не може да му го простат тоа што не успеа да го спречи распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, како и економскиот хаос предизвикан од неговата „перестројка“.

Горбвачов почина во вторникот на 92-годишна возраст, а московјаните ќе можат да го посетат неговиот одар во импозантната Сала на колоните, недалеку од Кремљ, каде што им се оддава последна почест на поранешните советски лидери.

Не е изненадувачки што Путин, долгогодишен офицер на КГБ кој распадот на Советскиот Сојуз го нарече „геополитичка катастрофа“, му ги скрати државните почести на Горбачов и соопшти дека поради презафатеност нема да да присуствува на погребот.

Многу западни шефови на држави и влади вообичаено би биле присутни на денешниот погреб, но сега се држат настрана поради јазот во односите Исток-Запад по инвазијата на Путин врз Украина од 24 февруари.

Ќерката на Горбачов, Ирина, најави дека погребот ќе биде скромен.Тој ќе има воена почесна гарда околу одарот , што е само еден елемент на државните почести, соопшти Кремљ.

Тоа е минимално во споредба со националниот ден на жалост и државниот погреб во главната катедрала во Москва што се одржа во 2007 година за поранешниот руски претседател Борис Елцин. Тој беше клучен во соборувањето на Горбачов додека се распадна Советскиот Сојуз, а подоцна лично го избра Путин за негов наследник.

И покрај тоа, Горбачов, како и Елцин, ќе биде погребан на московските гробишта Новодевичи, покрај неговата сопруга Раиса, која почина пред 23 години.

OhridNews