Без договор заврши уште една средба на претставници на Средношколскиот пленум и на Министерството за образование и наука.

Како што објавија националните медиуми,  од Владата и МОН истакнале дека веќе била донесена финална одлука, оваа година матурата да се полага по стариот концепт, а екстерното тестирање да продолжи да се применува. Тие сметаат дека нема потреба од понатамошни преговори и ги повикаа учениците од понеделник да се вратат во училишните клупи.

-Владата и МОН донесоа конечен став годинава матурскиот испит да се полага по стариот концепт, односно математика да не се полага и да нема електронско тестирање. За екстерното тестирање ќе нема измени оваа година, но ќе се формираат работни групи кои ќе работат на негово усовршување, истакна по денешната средба вицепремиерот Владимир Пешевски.

Од Средношколскиот пленумот велат дека остануваат на ставот дека нема остапки од нивните барања и најавија дека кампувањето пред МОН ќе го продолжат.

-Ние не се откажуваме и понатаму ќе имаме активности со кои ќе покажеме дека сме засегнати од овие работи и нема да отстапиме од нашите две барања. Тие бараат компромис, да отстапиме од едно барање, за да го добиеме другото барања. Ние ги сакаме двете барања, преку двете барања ќе стигнеме до поквалитетно образование, со компромис нема да стигнеме до тоа, изјавија средношколците.

На средбата во министерството овој пат имаше и мониторинг од Народниот правобранител, детската амбасада Меѓаши и од Хелсиншкиот комитет. Средношколците претходно побараа и тие да бидат вклучени со цел да не бидат изманипулирани и да не паднат под политички влијанија.

OhridNews