Македонската пливачка надеж Тамара Трајковски под будното око на пливачката легенда, европски младински шампион и двоен олимпиец Александар Маленко, на градскиот базен во Охрид се подготвува за предизвиците кои и престојат во шампионатот на Австрија каде таа живее и настапува. Таа ниту на одморот во Охрид не го изостави пливањето и одржа неколку дневни тренинзи со Маленко.

– Вистинска штета за нас што таа не е преку целата година тука, а пак голема среќа за неа што има можност да тренира надвор од македонските граници. Има голем потенцијал и со макотрпна работа тој треба да се преточи во врвни успеси. – рече Маленко.

На тренинзите се работи на техниката, а најмногу фокус се стави на дисциплината делфин која најмногу и лежи на Тамара, рече Маленко.

– Се фокусираме на кратките трки во делфин, но работиме на сите дисциплини посебно. Очекувам одлични резултати бидејќи квалитетот е очигледен. – додаде Маленко.


14-годишната Тамара, е воодушевена од работата со Маленко, а особено ги цени неговите совети. Најавува дека и следната година кога ќе дојде во Охрид одново ќе го разбранува градскиот базен.
– Неговите совети и општо од постарите пливачи веднаш ги примам и применувам. Во Охрид добро се одморив, а искористив и да потренирам во градскиот базен и на мое големо задоволство да работам со Александар Маленко. – потенцираше Тамара.

Талентираната Тамара зад себе имаше успешна сезона која ја заокружи со осум одличја во нејзината класа (2000/-01 година) на митингот во Виена во јуни и настапи на државното првенство во јули. Есенва ја очекуваат нови предизвици во Австрија, во кои Тамара влегува побогата со искуството од мини летните подготовки во Охрид со Александар Маленко.

Mихаил Постоловски