Комични животни ситуации доловени преку беспрекорна актерска игра и несекојдневна сценографија имаше можност да види публиката која вчеравечер ја проследи премиерата на претставата „Вечера за глупаци“ во изведба на охридскиот Народен театар.

Оваа претстава е работена според текст на познатиот француски филмски режисер, сценарист и драматург Францис Вебер, под режисерската палка на Ирена Стеријовска.

Публиката е поставена непосредно околу надворешните ѕидови од станот и е ставена во ексклузивна позиција, воајерска, каде одблиску може да го сведочи дејството во претставата. Сметавме дека малку повеќе ќе ја ангажираме публиката на овој начин отколку ако ја раскажуваме приказната со една дистанца, вели Стеријовска.

Во претставата играат Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Филип Кипровски, Елизабета Стефановска и Павел Маслов. За сценографијата се погрижи Стефан Спировски, а за костимите Ана Кркулевска.

Претставата „Вечера за глупаци“ е петта премиера на охридскиот Народен театар во периодот од септември до сега.

OhridNews

Фото: Емилио