По повод Светскиот ден на борба против Хепатитис, 1октомври, на плоштадот кај Чинарот денеска ќе биде организарана едукативна акција за подигање на јавната свест за опасностите од сите типови  на Хепатит, раното откривање, начините на  пренесување, заштита, превенција и лекување на оваа заразна болест.

Акцијата  ја  организираат невладината организација „Опција“ Охрид, Заводот за здравствена заштита Охрид, Здравствениот дом, Општата болница и Црвениот крст- Охрид. Кај Чинарот волонтери на овие организации ќе делат едукативен матерјал и средства за контрацепција, лекари специјалисти ќе даваат совети за заштита и лекување од хепатит А,Б и Ц, а граѓаните ќе може  бесплатно да се тестираат на присуство на хепатит Ц.

Хепатитот Ц уште е наречен тивок убиец поради атипичноста на оваа болест која тешко се открива. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) во светот повеќе од 180 милиони луѓе се заразени со хепатитис Ц. Се проценува дека еден од пет луѓе во светот е  изложен на ризик да биде заразен со хепатитис Ц. Против хепатит Ц не постои вакцина, но болеста ефикасно се лекува доколку биде откриена навреме. Хепатитис Ц се открива со едноставен тест на крвта кој особено им се препорачува на лица кои интравенски користат дроги (дури и еднаш годишно), или им е извршена трансфузија на крв пред 1990 г., имаат тетоважа или пирс, при својата работа се изложени на крв или дури ако користат туѓа четкичка или конец за заби.

Покрај денешните активности од среда до петок  на факултетите во Охрид ќе бидат одржани интерактивни предавања-работилници на кои лекари, инфектолог и епидемиолог, ќе ги запознаат студентите со фактите за хепатитис Ц.

Ohridnews