Изградбата на Дом за стари лица, подигнувањето на стандардот  и обезбедувањето на бесплатен превоз , и понатаму остануваат меѓу основните приоритети на Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца.

– Иако со блокирана сметка  веќе неколку години по ред , во изминатата година успеавме со добра организација да ги реализираме сите задачи , а се надеваме дека наскоро ќе се реализираат и целите како што се бесплатниот превоз, за што ни претстои да стапиме во контакт со претпријатијата кои вршат превоз како и со градоначалникот и надлежните во локалната самоуправа. Ако треба и ние како здружение ќе учествуваме со некаков надомест се со цел да се задоволат барањата на членовите и пензионерите.И понатаму се залагаме за изградба на Дом за стари лица за што добивме ветување дека проектот наскоро ќе се реализира, вели претседателот на здружението Ѓорѓи Трпчески.

Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца денес ја одржа својата отчетна седница, на која присуствуваше и Драги Аргироски, претседател на здруженијата на пензионери на Македонија, кој истакна дека охридското здружение е меѓу најактивните во земјата со бројни активности и постигнати резултати во повеќе области.

На седницата присутните членови го усвоија Извештајот за работа на ЗП во 2014 година, Завршната сметка и Информацијата за спроведените изборни активности во 21 Месни ограноци за нови раководства во ЗП од општините Охрид и Дебрца за мандатниот период 2015-2019 година.

OhridNews