Бесплатното тестирање за рано откривање на ракот на дебелото црево ќе започне од април. Според најавите на Министертвото за здравство, тестовите ќе ги делат матичните лекари и за почеток ќе бидат обезбедени за 18.000 лица во државата.
Тестирањето ќе биде доброволно и со него ќе биде опфатена популацијата од 50 до 74 години. Во тек е едукацијата на матичните лекари, кои ќе треба да им укажат на пациентите како да се тестираат и дека прегледот се состои од три теста.
Ракот на дебелото црево или колоректалниот карцином (КРК) е едно од најчестите малигни заболувања. Тој учествува со 12 % од сите малигни заболувања во САД и Западна Европа. Неговата инциденца изнесува од 15 до 30 нови случаи годишно на 100 000 жители. Инциденцата е право-пропорционална со возраста. Дури 90% од пациентите со КРК се лица над 50-годишна возраст. Средната возраст на пациентите со колоректален карцином е 64 години. Популацијата помеѓу 65 и 85 години има 6 пати повисок ризик за добивање на КРК.
Денешните сознанија укажуваат дека КРК настанува поради интеракција помеѓу факторите на околината и генетската предиспозиција за развој на болеста. Се смета дека лицата кои имаат „западна исхрана“, која вклучува повеќе месо и масти од животинско потекло (црвено месо), а помалку овошје и зеленчук, имаат многу поголем ризик за заболат од рак на дебело црево, во споредба со оние лица кои во исхраната внесуваат многу овошје и зеленчук. Според британските научници, пациентите со рак на дебело црево кои се хранат со брза храна („западна исхрана“) имаат поголем ризик ракот да им се врати и да дојде до смртен исход, во однос на пациентите кои се хранат со здрава храна богата со овошје и зеленчук.
Според податоците на Светската здравствена организација, КРК е трета причина за смрт од малигни болести кај мажите и четврта кај жените, одговорна за 10% од причините за смрт од малигни болести во развиените земји. Честотата на колоректалниот карцином варира во различни делови во светот.
OhridNews