Од 1 август 2015 година младите лица кои рекреативно практикуваат спортски активности ќе може да направат бесплатен преглед на Спортска медицина, информираше вчера министерот за здравство Никола Тодоров. Со оваа мерка на Министерството за здравство ќе бидат опфатени околу 25 илјади лица – аматери спортисти, на возраст од 14 до 29 години.

Станува збор за основен пакет кој ќе се врши во службите за спортска медицина во здравствените домови во Скопје, Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кавадарци, како и на Медицинскиот факултет во Скопје.

-Прегледот опфаќа ЕКГ, хематолошки  и уринарен статус, основна крвна слика, мерења на масното ткиво, мускулната и коскената маса, рече Тодоров. Тој додаде дека спортските прегледи се со цел да се дадат препораки на лицата кои спортуваат во врска со исхраната, како и со начинот и интензитетот со кој треба да се одвива тренингот.

Целта на оваа мерка е да се подигне свеста особено кај младите за значењето на превентивните прегледи кои треба да се приоритет за секој поединец кој сака да се занимава со спортска активност.

Тодоров упати апел до сите млади лица без разлика дали редовно тренираат или рекреативно спортуваат да направат бесплатен преглед на спортска медицина, бидејќи, како што истакна, редовната физичка активност е многу важна за целокупниот физички развој на личноста и е многу значајна за подобрување на работата на срцето и белите дробови, за зајакнување на мускулната сила, како и спречување на појава на остеопороза.

Според статистичките податоци на Институтот за јавно здравје во Македонија 60,5 отсто од машката популација и 47,8 отсто од женската популација на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина што, како што нагласи, во голема мерка се должи на нередовната физичка активност.

Според податоците од „Мој термин“ во изминатите шест месеци биле извршени вкупно 8.199 прегледи на спортска медицина со упат, а половина од нив, односно 3.911 биле лица на возраст од 14 до 29 години.

OhridNews