Во Одделението за кожни и венерични болести при Општа болница Охрид од денес до петок, во периодот од 12 до 14 часот, ќе се вршат бесплатни прегледи на кожните промени на телото.

На овој начин охридската болница се приклучува кон акцијата која ја спроведува Здружението на дерматовенеролози на Македонија и Европската академија за дерматовенерологија за подигнување на јавната свест за борба против меланом и други карциноми на кожата под мотото „Безбедни на сонце“.

Целта на кампањата, која е поддржана и од Министерството за здравство, е превенција и откривање меланом во почетен стадиум кога може и да се излекува. Граѓаните ќе имаат и можност да се информираат и за ризик-факторите за настанување на меланом, посебно за опасностите од изложување на сонце и во солариум и како правилно да се заштитат од нив.

Според Светската здравствена организација, 2-3 милиони луѓе годишно заболува од некоја форма на карцином на кожата, од кои 160.000 од нив се со меланом, а 41.000 пациенти годишно умираат.

Ohridnews