Итна операционализација на мерката бесплатни ПЦР тестови за странските државјани кои ќе докажат туристички или деловен престој во земјава со хотелска сметка или ваучер издаден од туристичка агенција, бара Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Оваа мерка, потсетува Здружението, е дел од петтиот антикризен пакет што го усвои Владата и е донесена на барање на бизнис секторот.

Владата го препозна значењето и потребата од ваков тип поддршка. Но, она што сакаме да укажеме е дека е потребна итна операционализација за мерката да има позитивен ефект, рече денеска на прес-конференција заменик-претседателот на Здружението, Александар Кузмановски.

Здружението има и конкретен предлог како да се спроведе ваквата поддршка.

За организирани туристички групи тестовите да бидат земени во објектот каде е сместена групата по упатено барање од страна на сместувачкиот објект, а резултатите да бидат издадени на англиски јазик во рок од 24 часа. Тестовите да бидат овозможени за државјаните на земјите на кои ќе им бидат потребни при влез назад во матичната држава. Засега, единствени валидни тестови според СЗО се ПЦР кои до моментов се задолжителни за влез во државите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија и Грција, но и во државите кои не се членки на ЕУ, а кои се од значење за нашата економија и туризам, како Турција и Израел, истакна Кузмановски.

Според Здружението, треба да се подготват и протоколи за дејствување во случај на позитивни резултати од направениот ПЦР тест.

Хотелите да издвојат пет отсто од вкупниот капацитет (најмалку две и најмногу 10 соби) за изолација на лица со позитивен резултат, а најблиската градска или локална болница да ја следи здравствената состојба на позитивното лице до негово оздравување. Во случај на потребна медицинска нега лицето да биде згрижено во најблискиот КОВИД центар на товар на ФЗОМ. При вакви околности и во случај на делумно субвенционирани тестови или ограничена цена која нема да надминува 1.200 денари, домашните и странските партнери ќе бидат во можност да ги споделат трошоците за КОВИД тестот и сето тоа да се направи низ безбедна и утврдена процедура која ќе овозможи зголемена деловна активност и проодност на патници, но и организирани туристички движења, објасни заменик-претседателот на Здружението.

Стопанска комора: Итно да профункционира Комитетот за туризам и да се поедностави постапката за субвенционирање

Здружението нара итно да профункционира Комитетот за туризам, да почне имплементирањето на донесените мерки и да се поедностави постапката за субвенционирање.

Здружението смета дека туризмот и во услови на КОВИД може да функционира и да даде добри резултати, но изостанува реализација на мерките. Затоа бара средба со премиерот на која би биле презентирани ваквите ставови и би се креирал планот за делувањето оваа година.

Засега, велат од Здружението, нема оптимистички најави во однос на странските гости. Ситуацијата е неизвесна и се е на чекање.

Се чекаат јасни сигнали од страна на Светската здравствена организација и државите, какви ќе бидат протоколите за патување, но ние ќе треба да сме подготвени да докажеме дека ги почитуваме протоколите и дека знаеме да се справиме ако нешто им се случи на туристите. Во моментов немаме оптимистички најави, се е на чекање, но ние нашиот организациски дел ќе мора да издигнеме на многу повисоко ниво. Маркетингот и промоцијата ќе треба да играат значајна улога. Сублимат на сите наши барања е неодложна средба со премиерот, рече на прес-конференција заменик-претседателот на Здружението, Асим Меџедовиќ.

Тој информира дека Здружението до Владата доставило предлог за олеснување на постапката за субвенционирање. Предлогот е во процедура, но се уште не е во функција.

Иницијативата за олеснување на постапката за субвенциионирање е со цел да се одржат постоечките традиционални пазари, да се исцрпи потенцијалот на пазарите од државите од регионот, но и да се освојат нови пазари во пост КОВИД период. Акцентот го ставаме на регионот, бидејќи земјите од регионот се пазар со околу 50 милиони туристи неискористен потенцијал, без Турција. Олеснето, односно поедноставено субвенционирање по предлог на бизнис секторот е значајно да се реализира во најкраток можен рок за да може да се поддржи пазарот, истакна Меџедовиќ.

Неопходно е, напомена Меџедовиќ, да се даде јасен сигнал дека земјава е отворена за туристите.

Потребно е да испратиме јасна порака дека со субвенционирањето се залагаме за модернизација и унапредување на туризмот, што ќе ги натера странските тур-оператори да ги возобноват плановите за чартер летови до Северна Македонија, укажа Меџедовиќ.

Здружението смета дека домашниот пазар не располага со потенцијал кој може да го надомести отсуството на странски туристи. Загубите во хотелиерството лани надминале 90 отсто.

Потенцијалот на македонскиот туризам е учество во БДП со 25 отсто, директен ангажман во секторот на над 100.000 работници, индиректен ангажман на двојно повеќе, директен прилив на девизи од над 1,5 милијарди евра, сето тоа низ рамномерен регионален економски развој. Тоа, според Здружението, во услови на ваква светска здравствено економска криза, на бизнис секторот му дава за право да констатира дека токму овој сектор може да преставува економската надеж за пост КОВИД развој на државата.

OhridNews