Агенцијата за вработување објави јавен повик за сите заинтересирани невработени лица од Општина Струга кои сакаат да посетуваат бесплатни обуки за асистент/неговател за испорачување на услугата одмена на семејна грижа, палијативен неговател за нега на болни и изнемоштени лица, асистент за нега на лица со Мултиплекс склероза и асистент за нега на лица со Алцхајмерова болест.

Отворени се вкупно 29 позиции за обука кои подоцна ќе бидат ангажирани преку Здружението Центар за подобрување на квалитетот на животот на лица со интелектуална попреченост и нивните фамилии ПОРАКА НОВА Струга, се наведува во соопштението.

Обуката ќе се реализира во период од 3 месеци (април, мај, јуни 2022) фокусирана на теоретски и практичен дел, а ќе се спроведуваат од страна на верификувани спроведувачи.

Лицата вклучени во обуките ќе добијат месечен надомест од 9.000 мкд, за времетраењето на обуката, а невработените лица кои ќе ја завршат обуката и успешно ќе го положат предвидениот испит, ќе се стекнат со Сертификат издаден од верификуваните спроведувачи на обука пропишан од Министерство за образование и наука, се додава во соопштението од АВРМ.

Исто така, невработените лица кои ќе ја завршат обуката ќе се стекнат со можност за вработување како давател на социјални услуги кај селектираниот правен субјект/работодавач, согласно стручната обука со минимален износ на месечна бруто плата од 30.780 мкд.

Заинтересираните невработени лица можат да го изразат својот интерес и/или да поднесат Пријава во Центрот за вработување во Струга, секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот, најдоцна до 08.03.2022. Детални информации за мерката може да се добијат и на контакт телефонот: 070 384 046 или на е-маил адреса: [email protected] и [email protected].

OhridNews