Од 20-ти септември до 15-ти октомври годинава,  Здравствениот дом – Охрид  ќе спроведе бесплатни лекарски прегледи за 130 невработени лица од општинава на возраст од 25 до 55 години.

Според доктор Владо Стефаноски, началник на работната единица за трудова медицина,  бројката на невработени е енормна, а ваквата популација не е опфатена со неопходните прегледи.
  
Ним ќе им се вршат  прегледи од страна на специјалист на трудот , стандарден лабораториски преглед на крвта и урината, ЕКГ на срце, а ќе биде  применуван и прашалник за евалуација на стрес.

Термин може да се закаже во службата на медицина на трудот или во Агенцијата за вработување. Според доктор Стефаноски за  прегледите не се потребни документи, ниту пари, а на оние кои ќе закажат термин им препорачува, вечерта пред прегледите,  да го изедат последниот оброк најдоцна до 20 часот.
  
Невработените врз кои ќе се вршат прегледи меѓу другото ќе исполнат и  прашалник , а статистичките податоци ќе бидат искористени за да се утврди од какви болести најчесто заболуваат тие.
  
Носител на програмата за бесплатни прегледи на невработените е Министерството за здравство на Република Македонија, а таа ќе се реализира во шест градови во државава, во соработка со службите за медицина на трудот и Агенциите за вработување.
  
Според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност во Република Македонија  изнесува  36, 1 отсто. Во вториот квартал од 2006 година се пријавени  319 316 невработени лица.

Александра Ристоска