Во рамки на програмата за социјална политика, локалната самоуправа започна уште еден проект наменет за невработени лица кои доаѓаат од семејства од социјален ризик. Целта е стимулирање на социјалната интеграција на невработените и подобрување на нивните квалификации за идно вработување. Во таа насока, денес, локалната самоуправа објави конкурс за доделување бесплатни курсеви за  20 невработени лица од следниве стручни профили: заварувачи, готвачи, шивачи и машинисти- фини подесувачи на машини. Со курсевите ќе бидат опфатени по пет лица од секоја од наведените стручни профили.

Право на пријавување за овие курсеви имаат лица кои се евидентирани  како невработени, а кои активно бараат работа, кои се социјални случаи или живеат во семејства со ниски месечни примања и истите се жители на Охрид. Притоа овие лица не смее да  посетуваат ист курс во друга институција или фирма.     Курсевите за заварувачи, шивачи и машинисти-фини подесувачи на машини за невработени лица ќе се одржуваат во ОУ ОГУ „Кузман Шапкарев“ во текот на 2015 година, а курсевите за готвачи ќе ги спроведува Факултетот за туризам и угостителство.  За секој  конкурс кој е во вредност од 8 000 денари,  општината има издвоено по 6. 400 денари, а тоа значи дека по овој основ од својот буџет општина Охрид  издвои 128.000 денари.  Реализацијата на предвидената обука во  курсевите е срочена во 50 односно 60 часови, информира градоначалникот Никола Бакрачески.

Како што додаде раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов, лицата кои ќе ги посетуваат курсевите освен што ќе ги надградат прфесионалните вештини, ќе имаат можност и за директни вработувања.

Изборот на струки и професии е направен врз основ на претходно извршени анкетни истражуавња во 25 фирми во Охрид кои што изразија потреба за различни видови професии кои потоа ние ги сумиравме оние кои беа најбројни и најбарани. Значи самите фирми имаат потреба од вакви кадри, со тоа овие лица ќе можат да конкурираат во овие фирми каде има отворени огласи за вработувања. Со тоа ќе се овозможи збогатување на знаењето, но и намалување на бројот на невработени, рече Апостолов.

Директорката на Универзитетот „ Кузман Шапкарев“, Славица Ристеска изрази задоволство што продолжуваат обуките за возрасни лица, поддржани од локалната самоуправа.

Ние сме подготвени по завршување на конкурсот кандидатите да почнат со курсевите. Ќе има одреден број теоретски часови, а поголемиот број на часови ќе биде практичниот дел од курсот. Потоа ќе следува завршен испит и секој од кандидатите ќе добие сертификат, рече Ристеска.

Обуките на пријавените лица за готвачи ќе се реализираат на Факултетот за туризам и угостителство.

Програмата ќе биде поделена на три дела- кулинарски дел, исхрана и диететика. Од вкупно 57 часови, само 15 ќе бидат теоретски, останатите исклучиво практична работа . На ФТУ имаме високопрофесионална кујна, технички подготвена и сигурна сум дека кандидатите кои ќе го поминат овој курс ќе добијат високопрофесионално знаење . Од комуникацијата со менаџерите на угостителските објекти во градот имам сознанија дека има голема потреба од готвачи. Со овие курсеви, лицата ќе добијат знаење, но понатаму  се зависи од тоа колку тие ќе го надградуваат. Неодамна во американската амбасада имав можност да разговарам со шефот на кујна кој беше со завршен економски факултет, што значи дека секој кој е невработен и има квалификации со вакви  обуки и залагање може да постигне повеќе,истакна професорката Ангела Крстаноска Василеска.    

Објавениот конкурс ќе трае десет дена. Доставените пријави по Конкурсот за доделување на бесплатни курсеви, ги разгледува стручна Комисија од три члена од редот на вработените во општинската администрација. Ранг листата со избраните кандидати ќе биде објавена на интернет порталот www.ohrid.gov.mk.

                                   Т.К.