За 2019 година, преку Линијата за помош за семејства со ретки болести, обезбедена е психолошка и психотерапевтска поддршка за овие семејства, информираат од здружението „Живот со предизвици“.

Линијата за помош на ЖИВОТ СО ПРЕДИЗВИЦИ е отворена комуникација на телефон, е-маил, Фејсбук, Вајбер, состаноци лице во лице, средби на семејства … линијата за помош е за информативна поддршка, за насочување и поддржување на пациентите за остварување на нивните права во однос на здравствени и социјални услуги.

Од Јануари, 2019 година потпишан е договор за соработка со НЕОКОРТЕКС–Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација со цел да се понуди: индивидуални психотераписки сесии, партнерска терапија и советување, семејна терапија и советување, психолошко советување за родители, психолошко тестирање со изработка на наод и мислење, и други услуги кои им се потребни на семејствата кои се соочуваат со некоја ретка болест.

„Поддржувајќи ги пациентите во изминатите десет години, свесни сме дека е потребна психолошка поддршка не само за пациентите, туку за целокупните семејства, бидејќи ретката болест не  е товар само на тој што ја има туку на целото семејство. Затоа решивме дел од средствата добиени од Фондација „Трајче Мукаетов“ во 2018 година да ги насочиме токму кон обезбедување на бесплатни психолошки и психотераписки услуги за семејствата со ретки болести. Во 2019 година граѓаните кои се соочуваат со ретка болест може да се обратат директно до НЕОКОРТЕКС до M-р Ивана Хаџиванова (Психолог, психотерапевт, тренер, 075 273-768), да си закажат термин и да ја добијат поддршката која им е потребна. Се надеваме дека достапноста на услугата и гарантираната анонимност ќе придонесе кон поголема помош и поддршка за семејствата со ретки болести и подобрување на нивниотквалитетнаживот. Иако започнуваме во Скопје, до крај на година ќе се одржи и работилница за психолози од други градови да се обучат за работа со семејства со ретки болести, да се споделат искуства и да се помогне на сите на кооио им е потребно.“, вели Весна Алексовска, Претседател на Здружение на граѓани за ретки болести.

2019 е годината во која ЖИВОТ СО ПРЕДИЗВИЦИ полни 10 години од своето постоење и ќе биде година полна со новости и настани за подобрување на квалитетот на животот на семејствата со ретки болести.

OhridNews