Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на прес конференција ја информираше јавноста за реализацијата на Проектот за бесплатен зимски одмор за децата коишто доаѓаат од семејствата кои се корисници на социјална и постојана парична помош, децата коишто се со пречки во развојот, деца чиишто родители се корисници на посебен додаток и децата без родители и родителска грижа.
„Овој проект го реализираме од 2012 година па наваму, додека правото на бесплатен летен и зимски одмор можеа да го искористат околу 11.000 деца од ранливите категории. Веќе започнуваме со реализација на проектот за бесплатен зимски одмор за 2016 година, односно од денеска, во наредните 14 дена сите заинтересирани може да аплицираат на јавниот повик којшто денеска го објавуваме”, објасни Спасов.
Сите деца коишто доаѓаат од семејства корисници на социјална и постојана парична помош, децата со пречки во развојот како и децата без родители и родителска грижа од петто до деветто одделение, односно родени од 2001 до 2006 година ќе имаат право на бесплатен зимски одмор во траење од 6 дена којшто вклучува 5 полни пансиони со соодветни едукативни и рекреативни спортски и забавни активности за време на периодот на користење на бесплатниот зимски одмор.
“Планирано е да се реализира овој проект во туристичките капацитети во Крушево и да започне со започнувањето на зимскиот училишен распуст. За реализација на овој проект годишно издвојуваме околу 12.000.000 денари, односно 8.000.000 денари за бесплатен летен одмор за околу 2.000 дечиња и бесплатен зимски одмор за 1.000 дечиња во износ од 4.000.000 денари.
И понатаму како Министерство ќе продолжиме со реализација на проекти коишто го помагаат животот на корисниците на социјална и постојана парична помош, како и на децата без родители и родителска грижа и децата со пречки во развојот. Ова е еден од проектите коишто им помага на овие семејства коишто можеби немаат доволно средства да им обезбедат на нивните деца бесплатен летен и зимски одмор, при што ние како Министерство и како Влада им го овозможуваме истиот”, заврши Спасов.
OhridNews