Две илјади пациенти од целата држава кои се во ризик да развијат хронично бубрежно заболување ќе бидат контактирани да се јават на бесплатен скрининг кој ќе почне овој месец и ќе трае четири месеци. Во пресрет на Светскиот ден бубрегот – 14 Март, министерот за здравство Илир Демири денеска го соопшти проектот чија цел е подигнување на свесноста за бубрежното заболување и неговата рана превенција.

По илјада пациенти во скринингот ќе опфатат два дијализни провајдера во државава – Диаверум и Нефроплус. Граѓаните кои се во ризик за развој на хронично бубрежно заболување ќе бидат контактирани од здравствените установи и повикани на бесплатен преглед.

Скринингот ќе ги опфати градовите Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Дебар, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Делчево, Гевгелија, Штип, Кочани, Струмица, Куманово, Крива Паланка и центрите за дијализа на Диаверум во Железара и Визбегово во Скопје.

Како резултат на дел од заклучоците од Првата ренална академија што се одржа во ноември минатата година на иницијатива на нашето Министерство и Шведската амбасада, заедничките компетенции и ресурси од областа на бубрежното здравје ќе бидат на располагање за што поширок опфат, превенција и подостапна нега на популацијата, што всушност е дел од годинашното мото на Светскиот ден на бубрегот, рече министерот Демири на прес-конференција.

Генералниот директор на Диаверум, Димитар Клисаровски, соопшти дека финансиската реализација на проектот во целост е на здравствените установи Диаверум и Нефроплус, со што прегледите за пациентите ќе бидат бесплатни.

Идејата за отпочнување за ваков скрининг-проект постоеше отпорано, согледувајќи ја состојбата на пациентите кои започнуваат со дијализа при што во многу случаи пациентите не биле ни свесни дека имаат хронично бубрежно заболување се до моментот на почетокот на дијализа што е последниот стадиум на хроничното бубрежно заболување. Министерството за здравство, Управата за електронско здравство, ние, Диаверум, и колегите од Нефроплус се вложивме максимално за да може да се изведе овој проект за бесплатен скрининг на популација во ризик од бубрежни заболувања, достапна за пациентите, изјави Клисаровски.

Демири и Клисаровски очекуваат максимална реализација на проектот, а со тоа и поголемо идно превенирање на хроничното бубрежно заболување (ХББ), партиципирање во навремени иследувања, забавување на прогресијата, соодветна и контролирана терапија, како и потенцијал за значително намалување на морбидитетот и морталитетот од хронична бубрежна болест и неговите поврзани компликации.

Тие апелираа до пацинетите во ризик да ја искористат оваа можност и да се одѕват на поканата за скрининг.

OhridNews