Едриличарската Федерација на Македонија, во соработка со едриличарските клубови од Охрид, Струга и Скопје и со поддршка од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, организира бесплатен курс за едрење за млади скипери.

Основна цел е зголемување на бројот на лиценцирани скипери кои ќе можат да реализираат комерцијални тури со едрилици и остваруваат дополнителни приходи во летниот период преку оваа дејност. Курсевите ќе се организираат во Охрид и Струга под менторство на инструктори лиценцирани од страна на Меѓународната Асоцијација на Школи за Едрење (ISSA – International Sailing Schools Association), информираат од Едриличарска Федерација на Македонија.

Kурсот е согласно програмата на Меѓународната Асоцијација на Школи за едрење, прилагоден за почетници без искуство, но и за помалку искусни едриличари кои сакаат да ги усовршат своите вештини, а се содржи од теоретски и практичен дел.

Во теоретскиот дел се учат основни делови на едрилицата и нејзината опрема, основи на метеорологијата, основни едриличарски принципи и правила за безбедно пловење. Низ практичниот дел се изучуваат основното управување со едрилицата, едрење во различни курсеви во однос на ветерот, едрење на слаб и умерен ветер, основни едриличарски јазли, испловување и пристанување, а сериозен акцент ќе се даде на стандардните безбедносни процедури, односно безбедноста во пловењето, потенцираат во соопштението.

Курсот ќе се организира во седум дена, распоредени во периодот од 20-ти април до 20-ти мај, односно распоредот ќе биде флексибилен и во согласност со потребите на сите учесници. После завршување на курсот, секој учесник има обврска, на свој трошок да положи испит и да се стекне со сертификат – Управувач на чамец кој го издава Капетанија на пристаништата.

Сите заинтересирани лица над 16 години, кои гледаат можност за остварување дополнителни приходи во текот на летната туристичка сезона може да се пријават на линкот: https://forms.gle/yVuVE7QZz14rt9wG8.

Едриличарската Федерација, додаваат, во зависност од бројот на пријавени кандидати ќе изврши селекција на кандидатите, а со цел ефективна и ефикасна реализација на курсот. За подетални информации, заинтересираните лица може да се обратат на телефонскиот број 078 269 041.

OhridNews