Ребалансот е одговор на кризата која не можеше да се предвиди во перидот кога се подготвуваше Буџетот за 2022 и во него, освен кратења, има и додавања, но и реприоретизирање на средствата, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Одговорајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир, Бесими нагласи дека очекува Собранието во наредните денови да закаже пленарна седница за ребалансот.

Со ребалансот се дава одговор на кризата. Мерките што се најавени, се гледаат. Зошто одиме со овој ребаланс и што сакаме да постигнеме – требаше да се адресираат сите потребни прашања меѓу кои и дополнителни средства за кризата за мерки за ранливите категории, кои ќе бидат привремени зависно од потребите, но и да се одржат политиките што ќе значат зачувување на растот. Бидејќи трошоците значително се зголемија и дефицитот се зголемува за 150 милиони евра. При тоа со ребалансот има и околу 13,4 милијарди денари кратења, но во исто време има и додавања, истакна Бесими.

Тој потенцира дека тоа што е ставено во Предлог – ребалансот на буџетот, се очекува и да се реализира.

Според него, како што е договорено на Влада, се крати во сите институции по 10 отсто за трошоци што се неприоритетни, односно кај расходите за стоки и услуги, како што се расходи за ситен инвентар, мебел, возила, а се врши и реприоретизација во однос на динамиката на реализација на некои проекти. Зголемувања, потенцира, има во социјалата и земјоделството, а предвидени се и 76 милиони евра за антикризни мерки.

Патните трошоци, објасни Бесими, не се однесуваат на инстутициите, туку се кај Службата за општи заеднички работи наменети за бегалци и раселени лица од кризата во Украина и Авганистан.

Министерот информира дека во наредните недели ќе има конечен документ во однос на финансирањето.

Планирано е делумно финансирање од ММФ, делумно финансирање за проектите од меѓународните финансиски институции, како и делумно од ЕУ преку ИПА програмите или Рамката за Западен Балкан. Делумно ќе се финансира со задолжување во земјата и на странските пазари. Имаме околу 200 милиони евра отплата на претходен долг, рече Бесими.

OhridNews