Повеќе средства и стабилни приходи на општините, со крајна цел подобри и поефикасни услуги за граѓаните и засилен локален развој, е целта на реформата за унапредување на фискалната децентрализација што ја подготви Министерството за финансии, а Владата нa седница вчера ги прифати предложените измени и дополнувања на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

Со новото законско решение општините ќе добијат повеќе приходи од личниот данок на доход и од стапката на дотација од ДДВ.

Со цел зајакнување на фискалниот капацитет на општините во овој Закон предвидено е постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход од 3 % на 6 % до 2024 година, односно процентот за 2022 година ќе изнесува 4%, за  2023 година 5% и за 2024 година 6 %.  Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој додаде дека дополнително во насока на подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините во Законот се предлагаат и измени за постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ од 4,5% на 6%.  Со ова се овозможува обезбедување приходи од ДДВ во висина од 6% од наплатениот ДДВ остварен во претходната фискална година започнувајќи од 2024 година. Исто така, и тука е предвидено порастот да биде постепен така што во 2022 година ќе изнесува 5 % и во 2023 година 5,5%.

Средствата ќе се распределуваат во три фонда и тоа: Основен фонд  4,5% од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година и во Фондот за перформанси и Фондот за изедначување по 0,75% од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година.

Министерот Бесими истакна дека со ова општините ќе имаат 1,7 милијарди денари повеќе средства.

Согласно проекциите со предвидените 3% од данокот на личен доход средствата за општините сега изнесуваат 600 милиони денари. Дополнителните 3%, согласно Фискалната стратегија и планираните приходи, во 2024 година средствата за општините ќе изнесуваат 1,562 милијарди денари, односно 781 милион денари повеќе. По основ на дотација од ДДВ во 2024 година со 4,5 % предвидени се 2,8 милијарди денари, додека со 6 % ќе добијат 3,7 милијарди денари. Тоа е една милијарда денари повеќе. Вкупниот ефект во 2024 година ќе биде 1,7 милијарда денари повеќе пари за општините на годишно ниво“, појасни министерот за финансии Бесими.

OhridNews