Потпретседателот на Владата на Република Македонија, Фатмир Бесими, попладнево на средба во Европската комисија, од страна на комесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, доби извештај на неколку страници за тоа кои реформи неформалната Влада на Европската унија бара од Македонија итно да ги спроведе пред издавање на октомврискиот прогрес-извештај за напредокот на земјата во евроинтеграциите.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Бесими по средбата потврдил дека Хан му ги предал заклучоците на ЕК направени врз база на последните случувања во Македонија, но и на анализата на ескпертот Рајнхард Прибе, поранешен директор во Директоратот за проширување на ЕУ, за тоа што се е потребно нашата држава да стори за да добие препорака за отворање на преговорите за членство во Унијата и оваа година.

Бесими, кој денеска во европската престолнина се сретна и со Кристијан Даниелсон и Жан-Ерик Паке од Директоратот за проширување, како и со европратениците Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл, од комесарот Хан добил порака да им пренесе на политичките лидери во Македонија да се почитува договорот од 2- ри јуни постигнат со негово посредство во Скопје и врз негова основа да се изгради конечен договор за ставање на крај на политичката криза во земјата.

–Поконкретни пораки на денешните средби добив на последниот состанок со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, од кого ми беше врачен на рака извештајот за Република Македонија со итни и приоритетни мерки за земјата што исто така ќе биде разгледан и на Советот за општи работи на Европската унија во текот на наредната недела, рече Бесими во изјава за МИА.

На прашањето за каков извештај се работи и дали тој содржи т.н. бенчмаркови што Комисијата и ги става на Македонија како услов за добивање на нова препорака за отворање на пристапните преговори, Бесими со одговорил:

–Се работи за документ од неколку страници што опфаќа повеќе области. Пред се независност и неселективност на судството, потоа извештај во однос на државните служби за безбедност во Република Македонија и соодветни реформи што се потребни таму, како и реформите во однос на изборниот процес, слободата на медиумите и изразувањето. Се работи за извештај на ЕК што е апдејтиран со најновите случувања и извештајот што е подготвен од експертот на Еврокомисијата Рајнхард Прибе што ги става главните приоритети што Македонија треба да ги направи итно во текот на овој период, потенцира македонскиот вицепремиер за евроинтеграции.

Од кабинетот на еврокомесарот Јоханес Хан, испратиле соопштение по сребата со потпретседателот на македонската Влада, во кое се посочува дека „двајцата разговарале за актуелната политичка криза во земјата, со цел да се поддржи напредокот во дијалогот на политичките партии кои се вклучени во истиот”.

–Комесарот го повтори својот повик до сите партии, во интерес на својата земја и нејзините граѓани, да најдат траен политички компромис, изграден на договорот што веќе го постигнаа на 2. јуни. Тие, исто така, разговараа и за приоритетите на итна реформа на земјата, што Комисијата ќе ги следи внимателно во наредните месеци, се наведува во соопштението од Еврокомисијата за средбата Хан-Бесими.

OhridNews

Извор: „МИА“