Има голем одлив на медицински сестри во странство, изјави денеска Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“.
Неофицијално, вели Бешлиевска, според побарувањата за исписници и потврди што ги бараат од кај нас во Здружението, за да си ја комплетираат документацијата за во регионот и Европа, имаме многу голем одлив. Имавме дури период после пандемијата со Ковид-19, кога на месечно ниво до четириесет медицински сестри заминуваа од сите нивоа на јавниот здравствен систем, појасни таа, одговарајќи на новинарско прашање.
Проблемот не бил во тоа што заминувале само во странство, туку и во приватните здравствени институции, а заминувале и воопшто од професијата. Затоа, подвлече таа, многу е важно да се има автономност во професијата, здрава работна околина, подобри услови за работа, веднаш да се реагира, за да не се биде нација што ќе остане без медицински сестри.
Бешлиовска даде изјава за медиуми, непосредно пред традиционалната свечена академија, на која ќе се доделуваат признанија за најхумана медицинска сестра.
Нашето мото на оваа манифестација во рамките на неделата на сестринството, е „Инвестицијата во образованието на сестрите е инвестиција во здрава нација“. Сестрите се силата на здравата нација. Континуирано на различни начини ја браниме професијата, нагласи таа, потсетувајќи и на хуманитарни активности организирани во изминатиот период.
Бешлиовска рече и дека биле маргинализирани во однос на многу нивни барања досега, иако редовно го кревалегласот и реагирале. Изрази надеж дека конечно професијата ќе се изрегулира со закон.
Денешниот настан започна со донациски базар „Сестрите за сестрите“. Со собраните финансиски средства, како што беше појаснето на настанот, ќе се помогне на неколку медицински сестри кои побарале помош, а се лекуваат од малигни заболувања, како и на една медицинска сестра чие малолетно дете се лекува во Белград.
OhridNews