Со мега спектаклот “Беше еднаш во Македонија“ вечерва на Античкиот тетар во Охрид ќе биде отворено 49-то Охридско лето. Почетокот на четириесетдневните фестивалски возбудувања ќе биде означен со музиката од култните филмови на италијанскиот композитор Енио Мориконе, кој ќе диригира со унгарскиот филхармониски оркестар „Гјор“. Тие ќе ги изведат делата од филмовите „Добриот, лошиот и грдиот“, „Беше еднаш на Дивиот Запад“, „Беше еднаш во Америка“, „Недопирливите“, и други.


Славниот оскаровец вчера пристигна во Охрид. Денеска ќе се сретне со новинарите, а предвидена е и куса посета на неколку културно-историски знаменитости во градот и Св. Наум. Сцената на Античкиот театар забрзано се подготвува за спектаклот, но очите на јавноста се свртени кон небото со надеж дека дека вечерва нема да заврне и спектаклот ќе се одржи.


Настапот на Мориконе во Охрид привлекува големо внимание. Покрај љубителите на музичката уметност, тука ќе бидат и претседателите на Албанија и Косово, Бамир Топи и Фатмир Сејдиу, кои ќе имаат средби со претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, кој  вечерва ќе го отвори фестивалот чиј покровител е тој.

Годинава на фестивалот ќе гостуваат музичари од 17 земји. На Охридско лето за прв пат ќе настапат големите класични музичари Березовски, Мидори, Лесковар , како и швајцарскиот пијанист Тео Георгиу, кој со 16 години е најмладиот учесник на годинашното „Охридско лето“. На 4 август во Античкиот театар ќе настапи најголемата светска акапела атракција, култниот вокален состав “The Swingle Singers“, а во рамки на офф програмата на 25 јули во Охрид ќе го видиме големиот џез музичар Џорџ Бенсон.  Фестивалот ќе го затвори Обединетиот европски камерен оркестар. Од  домашните уметници ќе ја видиме пијанистката Елена Мисиркова, Македонската филхармонија, Камерниот мешан хор „Св. Климент Охридски“  – Македонија, во класичниот дел, како и Драган Даутовски, Каролина и други во рамки на офф програма.


Извонредни доживувања нуди и театарскиот дел каде ќе видиме десетина врвни претстави, од кои половината се домашни. Драмскиот театар од Скопје ќе ја изведе претставата „Александар“ во режија на Љубиша Георгиевски“, МНТ на новата сцена на градскиот плоштад ќе ја изведе претставата „Троил и Кресида“ во режија на Љубиша Ристиќ, прилепскиот теaтар „Војдан Чернодрински исто така на новата сцена во заливот на коските, ќе се претстави со „Крпен живот“ во адаптација на Владо Цветаноски, Албанскиот театар од Скопје ќе ја изведе претставата „Генерал на Мртвата војска“ во режија на Дино Мустафиќ, а тетарската програма ja заокружува Битолскиот театар кој ќе ја изведе претставата „Браќа Карамазови“ во режија на Дејан Пројковски.