Македонската берза за тргување со хартии од вредност бележи зголемување на обемот на работа, беше речено на отворањето на 8-та конференција на Македонската берза, за прв пат од меѓунарофден карактер, што од вчера се одржува во Охрид.

Според министерот за финансии Трајко Славевски трендот на зголемување на обемот на тргување на берзата е очекуван,  бидејќи како што рече, пазарот на капитал се развива 11 години , македонската економија исто така бележи раст а се поголем интерес покажуваат и странските компании  кои сметаат дека пазарната вредност на македонските компании е потценета и дека е добро да инвестираат бидејќи  очекуваат цените на берзата да растат во иднина.

На 8-та годишна  конференција на Македонската берза, учествуваат над двесте претставници на финансиски институции, кои во наредните два дена ќе расправаат за пазарот на хартии од вредност, банкарството и финансирањето на локалната самоуправа.


финансиската елита во Охрид

Министерот за финансии Славевски, во обраќањето на  конференцијата рече дека „во 20007 ќе биде донесен законот за банки кој е веќе во владина процедура, ќе биде донесен нов Закон за НБРМ, Закон за заштита на потрочувачи, кредитни бироа и небанкарски финансиски институции, и други законски акти од областа на финансиите со цел да се подобри економската клима и да се зголемат инвестициите.“

Берзата бележи континуирано зголемување и на цените и на обемот на тргување на берзата уште од 2005 година, истакна директорот на Македонската берза, Иван Штериев.

Тоа  се должи на подоброто работење на компаниите кои се котирани на берзата, нивната транспарентност и оптимизмот на инвеститорите кои очекуваат таквиот тренд да продолжи и натаму, истакна директорот берзата  Штериев.

Осмата  годишна  конференција на Македонската берза за тргување со долгорочни хартии од вредност, завршува денеска.

Г. Момироски
фото: С. Костоски