Дваесет банки ја опслужуваат Македонија која има 2 милиони жители. Ова може да се смета за значителен број, а имајќи ги предвид неопходните идни промени во банкарскиот систем, малите и средните банки ќе мора да најдат стратегиски партнери и дури ќе биде неопходна и извесна концентрација, вели во интервју за Ohridnews, Бернар Коениг – Прв генерален директор на Охридска банка-Групација Сосијете Женерал

„Сметам дека наскоро ќе видиме меѓународни институции или банки кои ќе настапат на овој пазар во блиска иднина, а со тоа значително ќе се унапредат и банкарските услуги во земјата“, додава Коениг. Според него, македонската економија бележи пораст што се отсликува и со подобрениот меѓународен рејтинг, но сеуште има простор за напредување.

Според Коениг  постојат можности да се намалат каматните стапки во Македонија,но тоа како што рече , пред се ќе зависи од движењето на еврото со кое денарот е цврсто поврзан, потоа од намалување на фондовите за  рефинснирањето на банките, како и од продуктивноста на банките. “Банките ќе мора да станат  попродуктивни и да ги намалат трошоците на своите производи, но исто така намалувањето на каматите во многу ќе зависи и од конкуренцијата на банките кои очекуваме дека ќе настапат поагресивно со цел да си го задржат своето место на финансискиот пазар“, вели  Коениг. 


Бернар Коениг

Зборувајќи за Охридска банка, Првиот генерален директор, истакна дека седиштето на банката останува во Охрид, а комерцијалната дирекција ќе биде во Скопје каде се остварува 75% од бруто националниот доход. Коениг информираше дека банката ќе отвори свои експозитури во сите градови во Македонија поголеми од 25.000 жители. „Стратегијата на Охридска банка е едноставна, сакаме да бидеме национална банка“, рече Коениг.

Имаме намера  во Македонија да го воведеме моделот на универзална банка. Тоа подразбира нов пристап во работата што ќе значи дека во иднина ќе имаме посебни референти за големите корпорации, за средните и мали претпријатија  и за претприемачите, како и за граѓаните објаснува Коениг. Тој посочи дека на големите клиенти ќе им биде овозможено да ги користат услугите на банките на Сосијете Женерал групацијата во сите земји каде таа има свои претставништва .Основна цел ни е да го подобриме пристапот кон клиентите на кои ќе им ги понудиме банкарските вештини на Сосијете женерал, рече Коениг.


Коениг дава интервју за Ohridnews

Охридска банка пред се е депозитна банка и прво што сакаме да направиме е да ги зголемиме кредитите, и затоа веднаш по влегувањето на Сосијете ги промовиравме кеш кредитите, а продолживме со стамбените и кредитите за корпоративните клиенти и малите претпријатија, рече Коениг. Целта ни е да одговориме на секојдневните потреби на клиентите, поради што постојано ќе ги унапредуваме нашите производи, додаде Коениг.

Покрај основната цел, Охридска банка и натаму ќе биде присутна во јавниот живот но не само во Охрид каде редовно се финансираат значајните културни манифеестации и фестивали, туку како национална банка ќе ги помага значајните случувања во државата. Покрај културата, спортот и младите банката во својата социјална програма  непосредно е заинтересирана и за унапредување на хуманитарните активности и заштитата на животната средина, истакна првиот директор на Охридска банка, Бернард Коениг.

Првиот генерален директор на Охридска банка – Групација Сосијете Женерал, Бернар Коениг, во Македонија е шест месеци. Вели дека во Охрид се чувствува добро, но дека  има многу работи кои треба допрва да ги види и открие. М-р Бернар Коениг е роден на 26.02.1949 година во Форбаш, Франција, оженет е и татко на две деца. Економски факултет завршил во Стразбур, Франција, каде подоцна магистрирал индустриска сопственост. Во 1972 година станува и  магистер по бизнис администрација на бизнис школата ХЕЦ на Универзитетот во Монтреал – Канада.Покрај францускиот, говори уште и  англиски и германски јазик.

Кариерата ја започнал како предавач по предметот финансии на бизнис школата ХЕЦ во Монтреал – Канада. Во 1974 година влегува во Сосијете Женерал Алзасијен де банк (СОГЕНАЛ) – подружница на Сосијете Женерал. Постојано напредува во кариерата  и во 1994 станал Извршен директор во СОГЕНАЛ – Стразбур, задолжен за целокупните активности во Франција. Во 2001 станува член на Управниот одбор на СКБ банка – Словенија, каде подоцна ќе ја извршува и функцијата потпретседател на Управниот одбор. Минатата година работел во одделот за меѓународни банкарски услуги за граѓаните, во Сосијете во Париз, а од мај 2007  е Прв директор на Охридска банка А.Д. Охрид. Коениг извршувал и други високи функции, меѓу кои и Советник за меѓународна трговија на Владата на Франција (со одлука на Претседателот на Владата на Франција ). Во 2005 година од Франција е одликуван со орден за заслуги за народ (витешко одликување).

 Горан Момироски