Човекот што го нападна Силвио Берлускони му се извини на италијанскиот премиер, јавуваат во вторник италијанските медиуми. Масимо Тартаља му напиша писмо на 73-годишниот премиер во кое изразува „длабока вина и жали поради кукавичкото и непромислено дело“, пренесува агенцијата АНСА.

Адвокатите на Тартаља соопштија дека тој дејствувал целосно самостојно исклучувајќи секаква политичка позадина на нападот врз Берлускони и евентуална политичка припадност на напаѓачот. Тартаља е обвинет за напад на Берлускони со минијатурна реплика на миланската катедрала во недела, по политички митинг во Милано. Берлускони во нападот се здоби со скршен нос, искршени му се два заба и расечена му е усната. Тој е во болница и најверојатно ќе излезе во среда. Тартаља е во притвор, а неговиот татко изјави дека неговиот син со години е психички нестабилен.

Репликата на катедралата во Милано, со која беше удрен во неделата италијанскиот премиер Силвио Берлускони, стана култен сувенир во градот. Сувенирот стана моментален хит меѓу жителите и туристите и бележи одлична продажба низ градот. Десет сантиметарската реплика на катедралата во Милано се продава на штандовите за весници, но и по туристичките киосци. Продавачите изјавуваат дека туристите не само што ја купуваат репликата, туку и ја сликаат. Моделот што ја претставува Готската катедрала во Милано изградена во 1386. година, чини 12 евра. Берлускони се опоравува во болницата Сан Рафаеле по неделниот напад во кој заработи скршен нос, два заба и расечена усна. Напаѓачот Масимо Тартаља се наоѓа во притвор. Ова не е прв напад врз Берлускони. Сличен инцидент му се случи на новогодишната ноќ во 2004. година, кога врз него беше фрлен фотоапарат.