Германскиот политички врв денеска реагираше со чудење и неразбирање за одбивањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го прими во посета германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Германскиот претседател јасно и дефинитивно застана на страната на Украина. Германија беше и се уште е еден од најодлучните поддржувачи на Украина, а овој факт е тесно поврзан со долгорочните активности на германскиот претседател, изјави портпаролот на германската Влада.

Портпаролката за надворешна политика на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД), Нилс Шмид, изрази незадоволство од одлуката на Киев.

Ова е повеќе од несоодветно. Ние сме пријателски земји и посетата на германскиот претседател заедно со другите претседатели требаше да биде позитивен сигнал, рече Шмид, додавајќи дека одлуката на Киев во Германија „е целосно погрешно разбрана“.

Штајнмаер, заедно со претседателите на Полска, Естонија, Литванија и Летонија, требаше да го посети Киев, но украинската влада ја отфрли намерата на Штајнмаер и наместо тоа конкретно го покани германскиот канцелар Олаф Шолц да разговара за натамошната германска воена помош за Украина.

На ваков начин да се спротивставаат германскиот канцелар и германскиот претседател е сосема несоодветно, рече Шмид, и додаде дека не гледа причина Шолц „само така да отпатува во Киев“.

Потпретседателот на Бундестагот и лидер на владејачката Либерално-демократска партија (ФДП) Волфганг Кубицки, исто така, се изјасни против заминувањето на Шолц за Киев, откако оттаму го прогласија Штајнмаер за непожелен гостин.

За мене е целосно незамисливо канцелар на влада во која е сместена ФДП да оди во земја која највисокиот политички претставник на нашата земја го прогласи за непожелна личност, рече Кубицки.

Реакцијата на Киев беше остро критикувана и од најголемата опозициска парламентарна група на Унијата, ЦДУ/ЦСУ.

Портпаролот за надворешна политика, Јурген Хард, рече дека тоа е „голем товар за германско-украинските односи“. Тој побара од германскиот канцелар денеска да оствари телефонски разговор со украинскиот претседател Зеленски.

Украина во неколку наврати го обвини Штајнмаер дека е поранешен министер за надворешни работи и еден од лидерите на СПД одговорен за попустливата и блага политика на Берлин кон Москва.

Штајнмаер пред неколку дена призна дека „грешил во минатото“ во градењето на односите меѓу Германија и Русија и се извини за тоа.

OhridNews