Со натпреварите од првото коло денеска стартува новото превенство во италијанската Серија А. Според силината на тимовите кои се очекува да се вмешаат во трка за титулата, италијанското првенство полека го враќа стариот сјај.

Дваесет екипи во сезоната 2008/09 ќе се натпреваруваат во лигата на актуелните светски прваци. Фаворит број еден за титулата и оваа сезона е Интер кој три години по ред го освојува калчото. Аналитичарите сметаат дека Интер има најсилен тим од било кога, а на клупата од оваа сезона седи харизматичниот Жозе Мурињо.


Кој ќе го запре Интер?

Според анкетата на “Gazzette dello Sport” Интер има големи шанси да ја освои 4-та титула по ред. Анкетата е спроведена помеѓу 50 најпознати Италијанци од разни сфери:спортот, музиката, културата, шоу бизнисот, меѓу кои биле моторциклистот Валентино Роси, кошаркарот Грегор Фучка, водителката Симона Вентура, оперскиот пејач Андреа Бочели и други. Интер добил 21 глас, следуваат Милан со 17 и Јувентус со 8 гласа. Четврта е Рома, а меѓу фаворитите за титулата се уште и Фиорентина и Наполи.

Најголем конкурент на Интер се очекува да биде градскиот ривал Милан. Берлускони по катастрофалната сезона го одврза ќесето и на Сан Сиро го доведе Роналдињо, а адут повеќе е и враќањето на Шевченко од Челзи. Предноста на Милан ќе биде и тоа што овој тим годинава нема да настапува во Лигата на шампионите.

Натпреварите од новото првенство започнуваат денеска (Сампдорија-Интер 20:30 Тв. Телма), а поголемиот дел од средбите се играат утре:

Atalanta-Siena
Cagliari-Lazio
Catania-Genoa
Chievo-Reggina
Fiorentina-Juventus
Milan-Bologna
Roma-Napoli
Sampdoria-Inter
Torino-Lecce
Udinese-Palermo


Ohridnews
фото: AFP