Од месец февруари годинава за првпат ќе се исплаќа бенефицираниот стаж на сите вработени во ЈП Охридски Комуналец на кои им следува согласно законот и правилникот.
И покрај тоа што во јавното претпријатие законски се исплаќаат прекувремена работа, работа во ноќни часови и на празник, сега од месец февруари ќе почнеме да го исплаќаме и бенефицираниот стаж, информира директорот Сашо Најдески.
Со оглед на фактичката состојба со возниот парк, односно просечната старост на возилата која изнесува 20 години, вели Најдески, неопходно беше да почне и процесот на обновување на истиот.
Така минатата година преку соработка со Општина Охрид и Југозападниот плански регион беше набавен трактор со придружна механизација за зимско одржување на градот. Исто така, од сопствени средства беше набавена дополнителна механизација односно приколка за тракторот, а во соработка со Југозападниот плански регион во тек е постапка за набавка на мултифункционален мулчер за косење на трева и густа вегетација. Набавен беше булдожер гасеничар за одржување на депонијата Буково, со кој се намалуваат енормните трошоци за одржување на истата. Најнова е набавката на две возила за собирање на отпад со капацитет од минимум 20 метри кубни. На тој начин ќе можеме ефикасно и навремено да ги извршуваме работните задачи на терен и намалување на трошоците како за гориво, така и за резервни делови, потенцира.
Преку соработката со Пакомак и други организации поставени се садови за селекција на отпад, но свеста вели кај граѓаните е сеуште ниска.
Последно беа поставени околу 15-тина садови за собирање на ситен електронски отпад, но свеста кај граѓаните е сеуште на ниско ниво, реално може да се види на терен какава е ситуацијата, скоро сите садови се оштетени. Во поглед на поставување подземни контејнери нашето искуство покажува дека подобро решение се полуподземните. Тоа го покажува и примерот од другите европски градови каде функционираат многу подобро отколку подземните, бидејќи се лесни за одржување. Во програмата за работа на ЈП предвиено е поставување на полуподземни контејнери пред се на улицата „Македонски Просветители“ и на улицата на кејот, додава Најдески.
Во оваа насока е аплициран проект заедно со организација за добивање средства од Европски фондови за обезбедување токму на вакви полуподземни контејнери за кои се надеваат ќе биде реализиран.
Н.С.Ј.