Скопскиот рок бенд Визија ќе биде македонски претставник на годинашниов рок фестивал „Складиште“ кој традиционално се одржува во Крушчич, Србија. На фестивалот пристигнаа голем број на пријави од целиот Балкан, но жири комисијата избра само по еден бенд од секоја екс-ју држава. Покрај 6-те бендови кои ќе се борат за признание, на фестивалот ќе настапи и српскиот бенд Atheist Rap.
Бендот Визија постои на македонската рок сцена од ноември 2011 година. Членови на бендот се: Марко Џамбазоски (Соло гитара/ придружни вокали), Марко Гапо (Вокал / Ритам гитара), Лилјана Јанкова (Бас гитара/ Придружни вокали), Синиша Ѓорѓевиќ (тапани). Во своето едно-ипол годишно постоење бендот бележи настапи на повеќе фестивали, концерти и манифестации, меѓу кои може да се издвојат настапот на Т’к – так фестивалот во Кавадарци, каде што бендот беше награден, престижниот скопски фестивал – Таксират итн. Визија, покрај активните подготовките за настапите кои следуваат на повеќе фестивали низ Македонија и на Балканот, подготвува и нов материјал кој ќе биде дел од планираниот албум.