„Белите украси“, како што ги нарекуваат едрилиците повторно ќе го разубавуваат Охридското Eзеро, откако денеска, клубот „Акватика Јахтинг“ означи официјален почеток на школата за едрење. На првиот ден, клубот ја официјализираше соработката со „Сава“ групацијата со која набавија нова опрема за едрење и гумен чамец (гумењак), кои ќе ја подигнат безбедноста и квалитетот на тренинзите.

Долгогодишните напори за искористување на најголемиот природен терен во Македонија, Охридското езеро вроди со плод. Заедно со „Сава“ групацијата започнавме соработка, која започна со подновување на опремата која ја имаме. Сега, со ваква опрема можеме да се подготвуваме за натпревари од Државен и Балкански карактер, – изјави Стефан Ставрев од „Акватика Јахтинг“.

 

Охридското Езеро и неговата убавина и идеите и плановите на „Акватика Јахтинг“ биле главни причини за „Сава“ групацијата да се приклучи со поддршка кон клубот.

Во „Акватика“ препознавме една можност двете друштва на „Сава“ групата да се вклучат во еден проект за помош кој што дефинитивно ќе има повеќекратно значење. Охридското езеро ние го сметаме за богатство, затоа сметаме дека најголемиот бенифит од овој проект ќе има езерото, потоа членовите и идните генерации, – рече првиот човек на Управниот одбор на „Сава“ групацијата, Мира Шекутковска.

Започнувањето на школата и здружението, подновувањето на Акватика Јахтинг“ е дел од концептот на Едриличарската федерација на Македонија

Градењето на еколошката свест, градењето на љубовта и грижата кон езерото како и градењето на спортски дух започнува од мали нозе, затоа изразувам голема благодарност до Сава пензискиот фонд и осигрување, кои го помогнаа клубот „Акватика“ со голема донација, со што ќе се зголеми квалитетот и безбедноста на децата во текот на тренинзите, – рече претседателот на Едриличарската федерација на Македонија, Будимир Соколовиќ.

Пред да отпловат сите заедно имаа мала работна акција во која се средуваа и проверуваа едрилиците. Моментално во „Акватика Јахтинг“ клубот членуваат околу 20 дечиња, а во следниве денови треба да се приклучат уште 30 дечиња од другите градови од Македонија.

 

Мх.П.