Еден од најдолгите и најпознатите меѓународни летни фестивали на Балканот, Охридско лето(48-ми по ред), полека влегува во вториот, августовски дел од своето траење. Фестивалот е свечено отворен на 12-ти јули со концертот на прославената американска дива, сопранистката Џеси Норман, чии специфични барања во однос на нејзиниот престој и за кои се зборуваше многу пред почетокот на фестивалот, не го фрлија во сенка нејзинот одличен настап во придужба на Македонската филхармонија….

Вака угледниот белградски дневен весник „Политика“ го започнува текстот посветен на фестивалот Охридско лето, кој беше објавен на 30 јули. под наслов „Охрид од антиката до денес“ Со многу суперлативи весникот пишува за случувањата на фестивалот, но и за културно историското богатство на Охрид како град заштитен од УНЕСКО. Во продолжение ви презентираме делови од статијата посветена на Охрид и Охридско лето објавена во српскиот дневен весник „Политика“:

„Од 12 јули до 20 август на различни сценски простори во Охрид, кој како светско културно и природно наследство веќе 28 години е под заштита на УНЕСКО,се одржуваат концерти, театарски претстави, се отвораат изложби..

А гостите? Тие доаѓаат не само од просторите на бивша Југославија, туку и од сите страни на светот. Сепак августовскиот дел од Охридско лето , во првиот ден од месецот ќе биде отворен со Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, а шест дена подоцна, на 7-ми август стигнува „Калигула“(има ли поидеален простор од охридскиот антички театар) од Томаж Пандур, кој неодамна ги собра сите аплаузи во будванскот театар град. Фестивалот ќе биде затворен на 20-ти август со настап на виолинистката Сара Ченг (САД) и словенечката филхармонија, повторно во еден од најубавите концертни простори познати по својата акустичност-Катедралната црква Света Софија.


Текст посветен на Охрид во белградска „Политика“

Во текот на август неколку концерти во рамките на Охридско лето ќе приредат и уметници од УНЕСКО, подарок со кој се потврдува определбата на УНЕСКО ова познато место да го подржува нудејќи му со својата заштита непроценлива пропаганда.

Охрид го нарекуваат душата на Македонија. Овој град во кој се спојуваат, како што велат охриѓани, минатото и иднината денес живее токму така. Оној кој ќе дојде на Охридско лето нема да може да ја заобиколи историјата на градот во чии темели лежи античкиот Лихнид, и додека ужива во уметничките перформанси на фестивалот Охридско лето, ќе се потсетува на минатото. На охриѓаните и на УНЕСКО останува да се грижат за иднината“.

Анѓелка Цвииќ
„Политика“ – Белград