Салах Абдеслам, 26-годишниот главен осомничен за 13-ноемвриските терористички напади во француската престолнина Париз кога беа убиени 130 луѓе, обвинет е за „терористички убиства и за учество во активности на терористичка група. Неговиот адвокат Свен Мари изјави дека тој ќе го одбие предавањето во Франција и ќе соработува со истрагата.
„Тој соработува со белгиското правосудство, во рамките на европскиот налог за апсење според кој Франција побара негова екстрадиција, сега можам да ви кажам дека ќе го одбиеме неговото предавање на Франција“, изјави адвокатот Свен Мари, по сослушувањето на неговиот клиент Салех Абдеслам во седиштето на белгиската сојузна полиција во Брисел истакнувајќи дека неговиот клиент е притворен според белгиското правосудство. „Прво ќе видиме дали европскиот налог за апсење е законски, а потоа ќе видиме…“, рече адвокатот. Абдеслам кој четири месеци беше во бегство, „лежи бидејќи во престрелката е ранет во ногата“, додаде Мари кој со клиентот разговарал во саботата „десет минути“.
Салах Абдеслам на почетокот од октомври бил во Германија, во камп за бегалци, каде што дошол по тројца од своите потенцијални помагачи. Според резултатите од полициската истрага, Абдеслам на почетокот од октомври во Брисел изнајмил автомобил на свое име и ноќта од 2-ри кон 3-ти октомври пристигнал во Улм, на југот од Германија.
„Иследниците се сигурни дека Абдеслам управувал со автомобилот. Возилото во Улм било само еден час и истата ноќ се вратило во Белгија. Во текот на контролата во бегалскиот камп на 3-ти октомври, утврдено е дека нема тројца мажи кои ден претходно биле таму“, наведуваат медиумите.
Иследниците на германската криминалистичка полиција , во соработка со белгиската и со француската полиција, се обидуваат да утврдат дали тие тројца учествувале во нападите од 13-ти ноември, и „како и зошто“ Абделсам стапил во врска со нив. Истрагата покажа дека двајца од тројцата бомбаши самоубијци кои се разнесоа во близината на „Стад де Франс“ минатата есен се уфрлиле меѓу бегалците користејќи се со сириски пасоши со лажен идентитет. Тие двајца на се регистрирани на 3-ти октомври на грчкиот остров Лерос, и подоцна преку ткн балканска бегалска рута, вклучително и низ Македонија, стасале до Франција.
Белгиското правосудство подигна обвинение против Абдеслам кој во истрагата признал дека бил во Париз на 13-ти ноември 20125 година, кога беа изведени бомбашки и вооружени напади врз ресторани, кафулиња, стадионот „Стад де Франс“ и концертната сала „Батаклан“. Абдеслам, кој стана најбараниот европски терорист откако успеа да избега од Франција по нападите, беше уапсен во петокот попладнето во доселеничкото бриселско предградие Моленбек, откако во судир со полицијата беше полесно ранет во ногата. Префрлен е во притвор со уште четири лица, меѓу кои и три члена на семејството кое му дало засолниште во Моленбек, каде што израснал и живеел пред нападите. Се криел во стан на пријател на неговата мајка, наведе белгиската мрежа РТБФ. Неговиот помагач, „познат како Монир Ахмед Алаај и Амине Шукри“, кој, како и Абдеслам беше уапен во петокот во Брисел, е обвинет по истите точки од обвинението и исто така е преместен во притвор, се додава во соопштението на белгиското обвинителство.
Сопственикот на станот кој им го изнајмил и во кој се уапсени двајцата бегалци, Амид Аберкан, е обвинет за „учество во активности на терористичка група и за криење криминалци“ и исто така е притворен. Другиот член на семејството Аберкан, Џемила М., е обвинета за „учество во активности на терористичка група и за криење на криминалци“, но „не е лишена од слобода“, наведува обвинителството. Уште една жена, Сихане А., е „пуштена на слобода и против неа не е подигнато обвинение“.
OhridNews
извор Макфакс